Илијадници жени од Ирска се соблекоа на “осамената” плажа која се наоѓа на 50 километри јужно од Даблин. Тие 2.505 жени го остварија новиот Гинисов рекорд за капење без костими со цел да соберат пари за добротворни цели.
Претставниците на Гинисовата книга на рекорди потврдија дека 2.505 жени биле голи во морето барем 5 минути и со тоа поставиле нов светски рекорд.
Храбрите жени од Ирска, не само што се храбри поради соблекување на облеката, туку и поради температурата на водата во морето, која речиси била 12 степени Целзиусови.
Претходниот рекорд беше остварен во Перт во Австралија во 2015 година, кога 786 учесници пливале голи за да поттикнат прифаќање на секаков вид на тела, но тие пливале во нешто потопло море на 23 степени Целзиусови.
Голото пливање во Даблин се одржува од 2013 година, откако прв иницијатор била Ди Федерстоун само неколку недели откако направила мастектомија на двете дојки. Вкупно собрала 153.000 евра за хуманитарни цели, не вклучувајќи го и овогодинешниот настан.
“Ги контактирав неколку пријатели и моето семејство и им реков: “Имам една дојка и сум ќелава, кое е твоето оправдување? Првиот пат пливавме 60 луѓе, а минатата година беа 200 жени”, рече Ди.
Овој настан е достапен за жените кои имаат рак, кои го преживеале или кои таа болест на некој начин допрела до нив. “Тоа е всушност еден голем среден прст вперен кон ракот. За сите оние кои имаат рак ова е начин повторно да завладеат со своите тела”, рекла Федерстоун.
Многу учесници кажале дека учеството на овој настан им го промени животот.
“Една жена ми рече дека нејзиниот сопруг не ја видел гола со години. Откако се пријави на овој настан, сега се шета гола низ дома”, рекла организаторката.
Оваа година се собираат пари за добротворната организација “Розовата лента на Оибхеан” која во 2010 година ја основал таткото на девојчето кое почина од рак на само 8 години.
“Ова го направивме во нејзино сеќавање и беше неверојатно. Никогаш досега не сум се соблекла пред некој освен пред мојот сопруг, беше прекрасно и опоравувачки”, рекла Деирдре Бетсон.