Жртва на нацистички логор почнала да сведочи, а потоа поранешниот чувар на СС на кој му се судело заплакал од нејзините зборови

833

Поранешниот припадник на СС трупите плачел на првиот ден од судењето за соучество во масовно убиство во концентрационен логор каде бил чувар во текот на Втората светската војна.

94-годишниот Јохан Р. од Боркен во периодот од јуни 1942. година до септември 1944. бил чувар на логорот Штутхоф во близина на тогашниот Данзинг, а денешен Гдањск во Полска.

Од правни причини, неговото целосно име и презиме, како и лице, не смее да бидат објавени во медиумите.

Јохан Р. влегол во окружниот суд во Минстер во количка, каде му се суди за соучество во убиството на неколку стотини заробеници во концентрациониот логор.

Меѓу тие жртви имало повеќе од 100 полски затвореници, кои во јуни 1944. година биле убиени во гасна комора и повеќе стотини Евреи убиени меѓу август и декември 1944. година.

Додека адвокатите на жртвите ги читале сведоштвата на луѓето кои го преживеале холокаустот, обвинетиот почнал да плаче.

Марга Гризбах раскажала дека го видела својот 6-годишен брат последен пат во кампот, пред да биде пратен во гасна комора во Аушвиц.

Уште една од преживеаните, според чија тужба се суди Јохан Р, жена од Индијанополс, рекла дека обвинетиот помогнал да се убие нејзината сакана мајка, која целиот живот и недостасува.

Обвинетиот, на кој му се суди според законот за малолетници, бидејќи тогаш имал меѓу 18 и 20 години во време на наводното злосторство, е обвинет дека учествувал во “убиствените операции”, рекол Андреас Брендел, обвинител од Дортмунд.

“Многу луѓе биле убиени со гас, застрелани или оставени да умрат од глад. Чуварите знаеле за спроведувањето на тие методи за убивање”, рекол тој.

Кога обвинетиот во август 2017. година бил испрашан од полицијата, тој рекол дека не знаел ништо за злосторствата во логорите и тврдел дека затворениците биле слаби бидејќи немало доволно храна, но и дека чуварите биле слаби.

Доколку биде прогласен за виновен, би можел да биде казнет со 15 години затвор, но со оглед на неговите години и можноста за жалба, тешко дека ќе оди во затвор.

Во логорот Штутхоф, отворен во 1939. година, умреле околу 65.000 затвореници.