„ЗЕМЈА НА НОМАДИ“ И „БОРАТ 2“ СЕ НАЈДОБРИ ФИЛМОВИ НА 78. ЗЛАТНИ ГЛОБУСИ, КОИ ЗА ПРВПАТ СЕ ДОДЕЛУВАА НА ДАЛЕЧИНА

483

„Земја на номади“ и „Борат 2“ се големите победници на 78. доделување на Златни глобуси, кои за првпат се одржаа во виртуелно издание поради пандемијата на коронавирусот, па добитниците се јавуваа преку видеоврска од разни страни на светот.

Главната награда на вечерта, најдобар филм во конкуренција на драма, му припадна на „Земја на номади“, додека Клое Жао беше прогласена за најдобра режисерка, што претходно ѝ успеа само на Барбра Стрејсенд во 1984 година.

„Им благодарам на сите кои ми овозможија да го правам она што го сакам. Се вљубив во правењето филмови и во раскажувањето приказни зашто тоа ни дава шанса да се смееме и плачеме заедно, да учиме едни од други и да имаме повеќе сочувство“, изјави 38-годишната Жао, која е родена во Кина, а сега живее во САД.

Сепак, ѕвездата на филмот Френсис Мекдорманд изненадувачки остана без статуетката за најдобра актерка, исто како Вајола Дејвис, уште една голема фаворитка. Нив од втор план ги победи Андра Деј за биографскиот филм „САД против Били Холидеј“.

„Борат 2“ е избран за најдобра комедија/мјузикл, а неговиот автор Саша Барон Коен за најдобар актер во оваа филмска категорија.

„Почекајте, Доналд Трамп ги оспорува резултатите! Тој тврди дека многу мртви луѓе гласале“, се пошегува Коен во свој стил.

Чедвик Боузман посмртно е награден со Златен глобус за најдобар актер во драма за својата последна филмска улога во „Ма Рејни: Мајка на блузот“, додека Розамунд Пајк е најдобра актерка во комедија/мјузикл за „I Care a Lot“.

За најдобра споредна улога се наградени Даниел Калуја („Исус и црниот месија“) и Џоди Фостер („Мавританецот“), а најдобар филм од неанглиско говорно подрачје е „Минари“, американски филм за корејски доселеници во САД.

Златен глобус за најдобра серија освоија „Круна“ (драма), „Шит‘с Крик“ (комедија) и „Дамски гамбит“ (минисерија), при што „Круна“ однесе најголем дел од актерските награди (Ема Корин, Џош О‘Конор и Џилијан Андерсон).