Вчера после новонастанатата ситуација во нашата земја поради актуелниот коронавирус (Covid-19), Министерот за здравство, Венко Филипче ѝ се обрати на јавноста преку прес-конференцијата која се одржа во 14:30, на која ги презентираше новите поригорозни мерки кои ги презема владата со цел поголема претпазливост од ширење на вирусот, откако бројката на заразени порасна на седум лица.
По препорака на Комисијата за заразни болести од денеска се затвораат сите градинки, основни и средни училишта, како и високо образовни институции во земјата. Еден родител на дете до 10 години ќе има право да остане дома во следните 14 дена, и без разлика дали работи во јавна или приватна компанија, ќе добие платено отсуство.
Меѓутоа, овие мерки на владата не се почитуваат од сите приватни компании. Имено, во нашата редакција се јавија загрижени граѓани кои се дел од приватниот сектор и кои од оправдани причини сакаа да останат анонимни, откако во приватната компанија од која се дел – не се почитува мерката „ослободување на еден родител кој има дете/деца под 10 години“.
Образложението на претпоставените во дел од приватните компании е дека „чекаат официјално известување до нивната компанија од Министерството за здравство“, иако министерот вчера јасно истакна дека оваа мерка важи и за приватните и за државните компании, додека МТСП денеска соопшти дека секое непочитување на препораката за ослободување од работа на еден од родителите на деца до 10-годишна возраст може да се пријави во Државниот инспекторат за труд на телефонскиот број 151 31.
Исто така, од МТСП известија дека отсуствата од работа ќе се докажуваат со потврди кои ќе ги издаваат градинките и основните училишта, на име на родителот – корисник на мерката за ослободување од работа поради грижа за дете со навршена возраст до 10 години, во кои ќе биде наведен и временскиот период за кој се однесува.
Граѓаните треба да знаат дека истите ќе треба да се достават до секторот за управување со човечки ресурси или раководителот/директорот на институцијата/компанијата во која работи, до терминот за пресметка на следната плата.
Во однос на прекинот на работата на дневните центри за згрижување лица со попреченост, МТСП укажува дека ослободувањето од работни активности на родители на деца/лица со попреченост е проширено на родители на деца и млади и над 10-годишна возраст. Родителите е потребно по истиот принцип наведен погоре да достават потврда дека лицето е корисник на услугата дневен центар за лица со попреченост.
Се надеваме дека надлежните институции и овој пат ќе им излезат во пресрет на загрижените граѓани кои не можат да се придржуваат до новодонесената одлука на влагата за ослободување од работа на родителите кои имаат деца на возраст до 10 години, во наредните 14 дена.
Извор: tocka.com.mk