Вучиќ се присети дека излегувал во скопската „Тропикана“, Заев не знае каде се наоѓал познатиот локал

618

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ вчера прошета низ нашиот главен град со својот домаќин, премиерот на Македонија – Зоран Заев и премиерот на Албанија, Еди Рама.

За време на прошетката, бројни скопјани се приближија да се поздрават со лидерите од трите земји, а некои сакаа и да направат селфи со нив, што Вучиќ, Рама и Заев со задоволство го прифатија.

Во таа прилика, претседателот на Србија се присети дека како млад доаѓал во Скопје и констатирал дека градот е многу променет оттогаш.

„Не паметам кога последен пат сум бил овде. Кога бев млад. Но, многу е сменето оттогаш. Супер е. Сега не се сеќавам, ама знам дека одев во некоја ‘Тропикана’. Сега немам поим ниту каде е, ниту би се снашол овде“, изјавил Вучиќ.

Новинарката од ТВ Пинк, која вршела директен пренос од прошетката, го прашала македонскиот премиер каде се наоѓа локалот кој го споменува српскиот претседател, на што Заев одговорил дека не знае.

„Не знам каде е. Јас сум од Струмица и не го познавам баш многу добро Скопје. Ама не е во центарот на градот, сигурно“, изјави премиерот Заев.