(Видео) Пожари во близина на омиленото турско летувалиште: Евакуацијата е во тек, пламенот голта сè пред себе

185

Неколку шумски пожари избиле во Анталија, популарното туристичко летувалиште во Турција, додека ветерот го носи пламенот во насока на населените подрачја.

Според зборовите на Мустафа Јигит, службеник во градот Манавгат, три градски населби се евакуирани, а многубројни снимки покажуваат темни облаци од чад и пламени високи неколку метри. Пожарот почнал да се шири од шумата во дистриктот Манавгат, а поради ветерот брзо се проширил кон населените подрачја. Хоспитализирани се 62 лица, во главно жители кои се наголтале чад и три лица кои добиле изгореници.

Темелна истрага и сета потребна поддршка ветил и турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган. Со оглед на брзото ширење на пожарот, кој би можел делумно да се стави под контрола во вечерните часови, властите евакуирале четири населби во Манавгат. Со помош на хеликоптери и канадери пожарните служби се обидуваат да го стават пожарот под контрола. На гасењето на пожарот, освен пожарникарите, биле ангажирани и шумски работници.

Градоначалникот на Анталија, Махитин Бочек рекол дека подрачјата на кои престојуваат туристи не се загрозени. Анталија од Манавгат е оддалечена 66 километри.

Бочек рекол дека нема информации за човечки жртви.

“Четири различни места од кои пожарот тргнал укажуваат на потенцијално подметнување на пожар, но засега немаме целосни информации за тоа”, додал Бочек.

Од канцеларијата на гувернерот претходно било соопштено дека два канадери и 15 хеликоптери учествуваат во гасењето на пожарот. Според зборовите на локалниот службеник, побарано е засилување од провинциите во близина.