Германскиот гигант Баерн Минхен е новиот освојувач на титулата во Лигата на шампионите и тоа откако синоќа во финалето во Лисабон ја совлада екипата на ПСЖ со 1-0.
Бундеслигашот се избори за минимален триумф, триумф со кој по шести пат во својата историја дојде до пехарот во најелитното натпреварување. Дуелот во португалската престолнина донесе доста возбудувања, шанси на двете страни, интервенции на голманите Нојер и Навас… За крајот да се покаже како пресуден моментот – 59 минута кога Коман на асистенција на Кимих ја затресе мрежата на „светците“.
Со ова Коман го потопи својот поранешен тим, клубот од градот во кој е роден. Сепак Французинот одамна го има напуштено ПСЖ, тргнато по свој пат и неговата радост беше голема по постигнувањето на голот.
Баерн со ова ја комплетираше фантастичната сезона со тројна круна како што беше случај во 2013 година. ПСЖ со Нејмар, Мбапе и останатите ќе мора да почека некоја друга шанса за да се искачи на самиот врв на европскиот фудбал.