Утринско изненадување од Англија: Мурињо нов менаџер на Тотенхем!

568

По само неколку часа од разделбата со Маурицио Почетино, со кого во последните пет и пол сезони го достигнаа врвот на европскиот фудбал, раководството на Тотенхем го назначи новиот менаџер на тимот.

„Во Жозе имаме еден од најуспешните менаџери во фудбалот. Тој има богато искуство, може да инспирира тимови и е одличен тактичар. Тој има освоено почести во секој клуб што го има тренирано. Веруваме дека тој ќе донесе енергија и верба во соблекувалната“ , изјави Дејвис Леви, претседателот на „петлите“.

Аргентинскиот стратег синоќа ја заврши својата ера во редовите на „спарси“, а утрово клубот активира бомба и потврди дека нов менаџер на тимот е легендарниот Жозе Мурињо.

„Возбуден сум што доаѓам во клуб со традиција и големи поддржувачи. Исто така овој клуб поседува невидена младинска школа. Тоа ме привлече да ја прифатам оваа работа“, рече португалскиот стратег.

„Специјалниот“ со клубот од северен Лондон потпиша договор до јуни 2023 година, а своето деби ќе го има за три дена на мечот против градскиот ривал Вест Хем Јунајтед.

Наскоро се очекува португалскиот стручњак да се врати на „Олд Трафорд“ и на 4 декември да му гостува на својата поранешна екипа Манчестер Јунајтед.