Утре се затвораат угостителските објекти: Повеќе од 15 илјади граѓани ќе останат без приходи, угостителите бараат итна финансиска поддршка

55

Согласно одлуката на Владата, до 20-ти април, угостителските објекти низ цела држава нема да работат.

Од угостителскиот и туристичкиот сектор во кој се вработени помеѓу 15.000 и 20.000 луѓе, стравуваат дека можеби оваа мерка ќе трае подолго.

Владата мора да обезбеди итна финансиска помош за угостителската дејност, во спротивно може да следи отпуштања на околу 30 илјади вработени во дејноста. Ситуацијата во стопанството, особено од угостителската дејност, е толку лоша, што ако власта брзо не интервенира може да се случи илјадници граѓани да останат без извор на егзистенција.

„Со оглед на моменталните услови, ја разбираме потребната од носењето на нови рестриктивни мерки кои треба да доведат до подобрување на состојбите на здравствен план. Но, во исто време апелираме дека е неопходно паралелно со тоа итно да се додели и посебна финансиска помош за субјектите кои поради одлуката затворањето ќе останат без било какви приходи. Финансиска поддршка е неопходна за да се обезбеди основна егзистенција и да не се изгубат овие работни места“, вели Мартин Анѓеловски од Туристичко-угостителската комора.

Од Комората посочуваат дека овој сектор е еден од најзасегнатите од кризата предизвикана од пандемијата и дека граѓаните кои работат во овој сектор тонат во долгови.

Сопствениците на хотелските и угостителските објекси на нашиот главен туристички регион, односно Охрид и Струга, алармираат дека затворањето до 20-ти април ќе биде уште еден сериозен удар врз нивниот сектор.

„Последното затворање од страна на владата, ние секако дека го очекувавме, но да бидеме реални ќе биде со големи загуби. Ќе влијае и последната блокада во Парламентот со која не се префрлени и февруарските и мартовски плати иако се ветени. Сега ќе треба поголема помош за угостителите, ако се знае дека ќе бидеме затворени во април“, вели Ерхан Папранику, угостител.