Во пошта повторно може да се плаќаат сметки – денес стартува платниот промет

427

Генералниот директор на А.Д. „Пошта на Македонија“, Јани Макрадули, заедно со членот на Управниот одбор на Халкбанк А.Д. Скопје, Буке Геречџи, на ден 01.03.2021 година, понеделник, во 11.30 часот ќе бидат во заедничка работна посета на пошта 1020 во Општина Карпош (на ул. Никола Русински бб).

Со ова и официјално, ќе се означи повторното функционирање на платниот промет во единиците на поштенската мрежа на  АД „Пошта на Македонија“, a согласно потпишаниот договор за соработка со Халкбанк.

Платниот промет во првата недела ќе биде достапен во повеќе единици на Пошта и тоа: Скопје 1 и Скопје 2, подружниците во Тетово, Гостивар, Кичево, Охрид, Битола, Прилеп, Кавадарци, Велес, Гевгелија, Струмица, Штип, Кочани и Куманово. Во текот на месец март услугата ќе биде достапна и во сите останати единици на Пошта, односно на повеќе од 300 точки низ целата држава.

Голем број на граѓани и компании изминатиов период апелираа до Пошта побрзо да ја воспостави оваа услуга бидејќи постојат многу места низ земјата каде шалтерите на Пошта се единствената физичка опција за вршење на трансакции од платниот промет.

Според најавите од Халкбанк освен стандардните банкарски услуги, банката-партнер ќе понуди и други услуги кои освен за нивните коминтенти, ќе бидат достапни и за сите кои ги користат услугите на „Пошта“.

Инаку, над 870 вработени во „Пошта“ целосно или делумно извршуваат работни обврски поврзани со обезбедувањето на услуги од платниот промет. Според договорот, 71 отсто од остварениот приход ќе биде наменет за државната пошта, а 29 отсто за Халкбанк.