Поради неплатени сметки: „Фајзер“ ја прекина испораката на вакцини за Израел

76

До прекин на испораката на вакцини дојде поради неплатени сметки, а тоа се должи на политичките превирања во земјата каде што за две години, дури четири пати беа одржани избори.

Компанијата „Фајзер“ ја прекина испораката на вакцини против коронавирусот за Израел, а причина за тоа е што Израелците не ја платиле сметката за 2,5 милиони испорачани дози.

Во неделата се очекуваше испорака на уште 700 илјади дози на оваа вакцина, но „Ерусалим Пост“ пренесува дека оваа испорака ќе биде стопирана се додека не биде платена претходната.

Оваа одлука на „Фајзер“ претставува сериозен удар за челниците во Тел Авив, со оглед на тоа што досега токму Израел беше пример за останатите земји како треба да се води масовната вакцинација, а со тоа и борбата против коронавирусот.

Израелското радио „Галац“ ја пренесе и наводната изјава на еден од челниците на „Фајзер“ кој Израел го нарекол „банана република“ и порачал дека му е несфатливо како може да се случи вакво нешто во една современа и организирана држава.

Израел купи 15 милиони дози од вакцината на „Фајзер“, како и дополнителни 12 милиони дози од вакцината на „Модерна“ и „Астра Зенека“. Вакцините чинеа околу 788 милиони долари, а уште 758 милиони долари се резервирани за идни купувања на вакцини.

Моше Гафни, претседател на комитетот за финансии во израелскиот парламент, призна дека земјата плаќала многу повисока цена за вакцините од другите држави. Две дози од вакцината на „Фајзер“ Израелците ги плаќале 47 американски долари. Само за споредба, САД по доза плаќаат 19,5 долари, а државите членки на ЕУ плаќале 14,76 долари.