Заради регистрација на граѓаните на системот е-ПДД и прием на барањата за регистрација, покрај шалтерите лоцирани во Регионалната дирекција Скопје (ул. “11 Октомври“ бр. 27, спроти Даре Џамбаз) и претходно отворените канцеларии на УЈП во општината Аеродром (општинската зграда на втори кат) и општина Ѓорче Петров (зграда на урбана заедница Ѓорче Петров-кај полициската станица), УЈП отвори и два нови шалтери лоцирани во општина Кисела Вода – барака број 4 и во општина Гази Баба – барака за едношалтерски систем (поранешен даночен шалтер на УЈП).
Канцелариите на УЈП во општините Кисела Вода и Гази Баба ќе бидат отворени од 26.11.2018 година до 31.12.2018 година со работно време од 08:00 до 16:00 часот.
Дополнително, УЈП преку соопштение објавено на 23.11.2018 ги известува граѓаните дека сите даночни канцеларии на Управата за јавни приходи до 31.12.2018 година ќе работат и во сабота од 08:30 до 14:00 часот.
Кој НЕ треба да се регистрира во УЈП?
Пензионерите кои не оствариле друг доход освен пензија се ослободени од каква било обврска кон УЈП поврзана со годишната даночна пријава во периодот од 2018 до 2024 година, соопштија од Управата за јавни приходи.
Оттаму велат дека на ваков чекор се одлучиле поради укажувањата на потешкотиите со кои пензионерите се соочуваат при регистрацијата на електронскиот систем за е-персонален данок.
Поради тоа со новиот Закон за личен доход се предвидува во наредните 7 години да се одложи обврската за доставување годишна даночна пријава од страна на УЈП до граѓаните кои оствариле доход само од пензија исплатена од страна на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување.
Прочитајте и кој се треба да се регистрира во УЈП:
Со Законот за изменување и дополнување на Законот за персоналниот данок на доход („Службен весник на РМ“, бр.80/93…190/2017), предвидено е Управата за јавни приходи од 1 јануари 2019 година да изготвува пополнета Годишна даночна пријава за сите граѓани – физички лица кои оствариле приходи во текот на 2018 година.
Пополнетата Годишна даночна пријава (ПДД-ГДП), Управата за јавни приходи ја доставува до граѓаните најдоцна до 30 април 2019 година преку системот e-pdd.ujp.gov.mk.
За да може УЈП да ја достави пополнетата Годишна даночна пријава на увид на граѓаните преку системот e-pdd.ujp.gov.mk, како и за да можат граѓаните да ја исполнат својата законска обврска – да ја потврдат точноста или да ги коригираат податоците од пополнетата Годишна даночна пријава преку системот e-pdd.ujp.gov.mk најдоцна до 31 мај 2019 година, потребно е навреме да се регистрираат на системот е-Персонален данок e-pdd.ujp.gov.mk
Обврска за регистрација во системот е-Персонален данок има секое физичко лице кое во текот на 2018 година остварило приходи по било кој основ (плата, регрес за годишен одмор, приходи од закуп, од добивки од игри на среќа, од странство и други приходи кои подлежат на оданочување со персоналниот данок на доход), заради прием на пополнетета Годишна даночна пријава (ПДД-ГДП) од УЈП, како и заради потврдување или коригирање на податоците за приходите и платениот персонален данок.
Истовремено, преку исполнување на оваа обврска граѓаните ќе имаат можност преку системот e-pdd.ujp.gov.mk да проверат дали приходите кои ги оствариле се соодветни во однос на искажаните од исплатувачите, а со цел да се спречи евентуална злоупотреба во врска со нивните лични податоци и примања.