УЈП со апел до граѓаните

919

Регистрирани се само 380.000 граѓани во електронскиот систем за пријавување данок на УЈП. Според податоците од Управата, на само месец пред истекот на крајниот рок не се регистрирале ниту половина, бидејќи ваква обврска имаат околу 900.000 граѓани.

Откако ќе се пријават во електронскиот систем, граѓаните мора лично да се пријават и во даночните канцеларии на УЈП. Од Управата велат дека пријавувањето се прави само еднаш и затоа е потребно да дојдат лично поради верификација на личните податоци.

Од Управата за јавни приходи апелираат до граѓаните кои од какви било причини се спречени лично да дојдат во даночните канцеларии на Управата, да се пријават на контакт телефоните на УЈП со цел регистрацијата да се изврши во нивните домови.

Во работните денови шалтерите на УЈП се отворени до 21 часот, а во саботите до 14 часот. Во функција се и мобилни пунктови на Управата. Крајниот рок за пријавување е 31.12.2018 година.

Кој не треба да се регистрира во УЈП?

Пензионерите кои не оствариле друг доход освен пензија се ослободени од каква било обврска кон УЈП поврзана со годишната даночна пријава во периодот од 2018 до 2024 година, соопштија од Управата за јавни приходи.

Оттаму велат дека на ваков чекор се одлучиле поради укажувањата на потешкотиите со кои пензионерите се соочуваат при регистрацијата на електронскиот систем за е-персонален данок.

Поради тоа со новиот Закон за личен доход се предвидува во наредните 7 години да се одложи обврската за доставување годишна даночна пријава од страна на УЈП до граѓаните кои оствариле доход само од пензија исплатена од страна на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување.

Прочитајте и кој се треба да се регистрира во УЈП:

Со Законот за изменување и дополнување на Законот за персоналниот данок на доход („Службен весник на РМ“, бр.80/93…190/2017), предвидено е Управата за јавни приходи од 1 јануари 2019 година да изготвува пополнета Годишна даночна пријава за сите граѓани – физички лица кои оствариле приходи во текот на 2018 година.

Пополнетата Годишна даночна пријава (ПДД-ГДП), Управата за јавни приходи ја доставува до граѓаните најдоцна до 30 април 2019 година преку системот e-pdd.ujp.gov.mk.

За да може УЈП да ја достави пополнетата Годишна даночна пријава на увид на граѓаните преку системот e-pdd.ujp.gov.mk, како и за да можат граѓаните да ја исполнат својата законска обврска – да ја потврдат точноста или да ги коригираат податоците од пополнетата Годишна даночна пријава преку системот e-pdd.ujp.gov.mk најдоцна до 31 мај 2019 година, потребно е навреме да се регистрираат на системот е-Персонален данок e-pdd.ujp.gov.mk

Обврска за регистрација во системот е-Персонален данок има секое физичко лице кое во текот на 2018 година остварило приходи по било кој основ (плата, регрес за годишен одмор, приходи од закуп, од добивки од игри на среќа, од странство и други приходи кои подлежат на оданочување со персоналниот данок на доход), заради прием на пополнетета Годишна даночна пријава (ПДД-ГДП) од УЈП, како и заради потврдување или коригирање на податоците за приходите и платениот персонален данок.

Истовремено, преку исполнување на оваа обврска граѓаните ќе имаат можност преку системот e-pdd.ujp.gov.mk да проверат дали приходите кои ги оствариле се соодветни во однос на искажаните од исплатувачите, а со цел да се спречи евентуална злоупотреба во врска со нивните лични податоци и примања.