Турунџиева: „Намерно ги запалија автомобилите. Пожарот беше страотен и прва го забележа мојата ќеркичка. Беше шокантно да се гледа од прозорец како ти гори возилото под твојот балкон

905

Против пожарни екипи синоќа интервенирале по пријава за пожар на две возила сопственост на две познати македонски пејачки. Прво било опожарено возилото марка „Мини купер“, а пожарот го зафатил и второто возило, пишува порталот Курир.мк.

„Мини куперот“ кој горел е сопственост на пејачката Сузана Турунџиева, а до него било паркирано и зафатено од пожарот и возилото на пејачката Ребека Јанковска – Ристески. Возилата биле паркирани на паркинг кај ТТЦ Плаза.

За среќа, повредени нема, а увидот на надлежните ќе ги утврди причините за опожарувањето на возилата.

Информацијата ја потврдија од Пожарна од каде велат дека интревнцијата била во 3 часот изутрината и траела еден час. Засега, според нивните информации пламенот зафатил површина од 6 квадратни метри, простор на кој биле паркирани двете возила.

Вистина.ком.мк стапи во контакт со Сузана Турунџиева која за нашиот портал изјави:

„Пожарот беше страотен и прва го забележа мојата ќеркичка. Беше шокантно да се гледа од прозорец како ти гори возилото под твојот балкон. Направена е голема материјална штета, зашто мојот автомобил изгоре целосне, додека возилото на Ребека кое беше паркирано до моето е зафатено од пожарот само во пределот на задната врата“ –  раскажува со растреперен глас Турунџиева, видно потресена од немилиот настан и продолжува.

„Никому ништо лошо ниту сум направила, ниту сум згрешила, ниту некому должам нешто… Мислам дека не се работи за никаква одмазда или предупредување од некого, туку за чиста коинциденција на група пиромани кои палат низ центарот на Скопје, фрлајќи молотови коктели. Полицијата беше сношти во потрага по нив и веќе им е во траг. За жал и јас и Ребека, ја имавме таа несреќа нашите автомобили да бидат случајна мета на пироманите“ – го завршува исказот за својата траума во кусиот телефонски разговор Турунџиева.

Информацијата ја потврди и Ребека, која додаде дека е изгорен задниот дел на нејзиниот автомобил кој е стар 8 месеци и штетата се проценува на неколку илјади евра, додека возилото на колешката Турунџиева кое го купила пред само еден месец е целосно уништено. Ребека вели дека според кажувањата на полициската екипа за увид, ова е седми-осми случај на запалени возила во централното градско подрачје на Скопје за само неколку дена.