Гонзалес со посебен акцент го издвои човекот кој има најголеми заслуги во Вардар: Без него, немаше да го направиме сето ова!

450

Раул Гонзалес имаше опширен разговор со новинарите на официјалната страна на СЕХА лигата во кое направи детална анализа на она што го сработи во Вардар во изминативе години, подвлекувајќи црвена линија на најголемиот успех кој го оствари тимот пред точно една година.

Шпанскиот стручњак си замина од Вардар со два порази на Ф4 турнирот во Келн, но сепак сеќавањата од пред една година се уште се многу свежи кога „црвено-црните“ ја покорија Европа и ја освоија првата титула во Лигата на шампионите.

Новиот тренер на ПСЖ во ексклузивното интервју ги издвои двете работи на кои посебно ќе се сеќава од етапата во Вардар, но исто така, изрази огромна благодарност и до човекот кој во последно време наидува на критики поради скратувањето на буџетот и инвестициите.

“Многу сум горд на тоа што го остварив во Вардар, заедно растевме и стигнавме до врвот. На почетокот, Вардар беше нов проект и покажа огромни амбиции, а на крајот го остваривме најголемиот успех во Лигата на шампионите. После првите две години бевме добри, игравме во главната група и беше тешко. Игравме против секого, сите тимови го посакуваат фајнал-форот, но мора да се сфати дека во ракометот има 12 или 13 тимови кои имаат аспирации за највисокото место. Иако не игравме во Келн првата година, следните две имавме одлични шанси против Кјелце и Веспрем и бевме послаби само за еден гол. Сега Вардар е многу добар тим и секогаш ќе има шанса да игра на завршниот турнир. Горд сум на мојот тим што го оставив, на мојот претседател, на спонзорот Сергеј Самсоненко. Без него и неговите инвестиции, Вардар немаше да биде истиот тим, никогаш немаше да го оствариме сето тоа. Тој е одличен човек и најголемите заслуги одат кон него.“ – вели Гонзалес.