Турција воведе драстични царини за повеќе американски производи

817

Турција денеска значително ги зголеми царинските давачки за неколку производи од САД, како што се автомобили или тутун, како одговор на сличната мерка преземена од Вашингтон, во период на тензични односи меѓу двете земји.

„Царините за увоз на некои производи се зголемија реципрочно со оглед на произволните напади на американската администрација врз нашата економија“, напиша на Твитер турскиот потпретседател Фуат Октај.

Зголемувањето на царинските давачки за увозот беше најавено со указ кој го потпиша претседателот Реџеп Таип Ердоган и беше објавен во официјалните весници.

Во мерката е вклучен широк спектар на производи, како што се спортски автомобили за кои царината сега изнесува 120 отсто, некои алкохолни пијалоци (140 отсто), тутун (60 проценти) како и ориз и некои козметички производи.

Според турската државна новинска агенција „Анадолија“, овие нови стапки претставуваат двојно зголемување во споредба со претходните царински надоместоци.

Одлуката доаѓа во време кога односите на Анкара и Вашингтон се на ниско ниво поради 1 и пол годишното заробеништво на американски пастор во Турција, кој моментно е во куќен притвор.