Тензично на Корејскиот полуостров: Ким повторно тестираше опасно оружје, преговорите со САД пред распад

231

Иако се чинеше дека Северна и Јужна Кореја се наоѓаат пред конечно помирување, а односите помеѓу Пјонгјанг и Вашингтон значително се подобруваат, ситуацијата на Корејскиот полуостров повторно ескалираше.

Северна Кореја потврди дека во текот на денешниот ден севернокорејската армија тестирала нов тип на тактичко оружје на наведување. Лидерот на Северна Кореја, Ким Јонг Ун лично го надгледувал денешното лансирање на ракетата на Академијата за одбранбени науки.

„Развојот на овој вооружен систем е случување од голема важност. Со ова ќе биде зајакната борбената способност на Народната армија на Северна Кореја“, изјавил севернокорејскиот претседател Ким Јонг Ун после лансирањето на ракетата.

Соопштението од Северна Кореја доаѓа во моментите кога се појавија информации дека е забележана активност во истражните центри во Северна Кореја, за кои се верува дека служат за развој на ракети од долг домет кои би можеле да долетаат до територијата на Соединетите Американски Држави.

Од Белата куќа реагираа и порачаа дека се запознаени со случувањата во Северна Кореја, но не го коментираа денешното лансирање на ракетата. Од Вашингтон порачаа дека засега не можеле независно да ги проверат информациите за тестирањето на новото оружје во Северна Кореја.

Претходно, јужнокорејските и јапонските медиуми објавија сателитски снимки на кои може да се забележи голема раздвиженост во една од најголемите нуклеарни постројки во Северна Кореја, во која што сателитите снимиле како вагони пристигнуваат во објектите каде што се „произведува“ плутониум.

Сето ова доаѓа после неуспешениот состанок помеѓу Ким Јонг Ун и Доналд Трамп во Ханој оваа година, кога двајцата лидери не успеаа да се договорат околу укинувањето на американските санкции на Северна Кореја и целосна денуклеаризација на Корејскиот полуостров.