СЗО порачува: Строги рестриктивни мерки во Европа се апсолутно неопходни за да се спасат животи

64

Строги рестриктивни мерки се ‘апсолутно неопходни’ за да се спасат животи, предупреди СЗО откако на милиони луѓе во разни европски градови им беше соопштено дека живеат под нови мерки поради рекордниот број на заразени од коронавирус.

Од сабота во Лондон ќе биде забрането дружење во отворени простории, а во девет француски градови ќе се воведе полициски час.

Вчера Полска одреди црвени зони во кои ќе бидат затворени училиштата и теретаните, вклучувајќи ја престолнината Варшава, а Чешка соопшти дека ја гради својата прва привремена болница за пациенти заразени со коронавирус.

Холандија во средата вовела динамичен 4-неделен карантин, а во некои делови од Германија е ограничена работата на рестораните и баровите.

„Епидемиолошката ситуација во Европа е причина за голема загриженост. Дневните бројки на новозаразени се во пораст, исто како и бројките на хоспитализирани“, рекол Ханс Клуг, регионалниот директор на СЗО за Европа.

„Ковид-19 сега е 5-от причинител за смрт во Европа, достигнавме број од 1000 смртни случаи дневно“, рекол тој и додал дека ситуацијата сепак не е толку лоша колку што беше во април.

„Иако бележиме два до трипати поголем број на случаи дневно, во споредба со врвот на епидемијата во април, бележиме и петпати помала стапка на смртност“, рекол Клуг.

Според него, поголемиот број на новозаразени може да се поврзат со поголем број на тестови кај помладите, а помалата стапка на смртност може да се објасни со фактот дека вирусот се шири кај младата популација.

Клуг исто така рекол дека ако европските Влади ги ублажат мерките, до јануари 2021-ва година можеби нè чека дневна стапка на смртност која ќе биде четирипати до петпати поголема од што беше во април.