ЌЕ ЈА СПАСАТ ЛИ СЛОВЕНЦИТЕ – Груби потврди дека се заинтересирани за Пошта

75

Вицепремиерот Артан Груби во вчерашното гостување на ТВ 24 одговори потврдно на прашањето дали Словенци се заинтересирани за купување на Македонска пошта.

Тој рече дека во наредниот период СДСМ ќе раководи со Македонска пошта и дека се надева ќе се изнајде најдобро решение и дека ќе има добра понуда.

За приватизирањето на Македонска пошта вчера реагираше опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ, според кои тоа е продажба на државна сопственост, а со тоа СДСМ купува социјален мир.

„Последна во низата најави е продажбата на Македонски пошти. И сега мафијата на власт најлесно им е да направат некој нов бонбона бизнис, да продадат државна сопственост и така да купат уште некој месец социјален мир“, реагираа вчера од ВМРО-ДПМНЕ.

Како што е познато, пред повеќе години, за купување на пошта беше заинтересирана и Канадска пошта, но потоа преговорите пропаднаа.

Владата подготвува терен за продажба на Пошта. Откако стана јасно дека и нема спас и дека некогашната златна кокошка тоне во загуби, сега ќе се прави физибилити студија за да се види кои се можностите за друштвото. Во игра е целосна продажба односно приватизација или преземање на компанијата со јавно приватно партнерство. Владата на последната седница го утврдила новиот текст на Законот за изменување на Законот за поштенските услуги.

За сиот процес биле задолжени вицепремиерот задолжен за економски прашања Фатмир Битиќи, министерот за економија Крешник Бектеши и директорот на Национални пошти Ејуп Ристеми.

„Да иницираат подготовка на физибилити студија за можностите за отпочнување на постапка за преземање на компанијата со јавно приватно партнерство или со приватизација за да продолжи процесот на либерализација на поштенските услуги во земјата согласно регулативата на ЕУ, соопштија од Владата.

Инаку Пошта е во незавидна ситуација особено сега и поради затворањето на Еуростандард банка. Друштвото тоне и генерира загуби. Ејуп Рустеми, првиот човек на компанијата за Фактор тврдеше дека вработените земаат редовни плати. Сепак, вели оти со здравствената криза се случил огромен пад на приходите на поштенските услуги, и во домашниот, а особено во меѓународниот поштенски сообраќај. Во првата половина од годината друштвото има загуба од 52,5 милиони денари или над 850 илјади евра.