Столтенберг доби улица кај градскиот стадион

1786

Улицата што ги поврзува Градскиот парк, градскиот стадион и кејот на реката Вардар ќе го носи името улица “Столтенбергова”, во чест на норвешкиот дипломат Торвалд Столтенберг, а во знак на благодарност од Град Скопје и на скопјани за несебичната негова помош по катастрофалниот скопски земјотрес од 1963 година.

Мојот татко ќе беше многу почестен што добива улица во градот кој секогаш имал посебно место во неговото срце, кажа генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, на откривањето на улицата “Столтенбергова” во Градски парк во Скопје.

-Голема чест ми е што сум тука, на отворањето на улицата именувана според мојот татко. Првиот пат го посетив Скопје во 60-ите години. Бев дете и мојот татко работеше во норвешката амбасада во Белград. Тој отсекогаш имаше посебна врска со Скопје, бидејќи ја координираше помошта што доаѓаше од Норвешка по земјотресот. Не се сеќавам на многу, но тоа засекогаш остави силен впечаток врз мене. Затоа е голема чест пак да се биде тука и да се види како градот се развил и напредува. Скопје имаше посебно место во срцето на татко ми, поради блискоста со градот по катастрофалниот земјотрес од 1963 година. Тој беше почестен од неговото прогласување за почесен граѓанин на Скопје и сигурен сум дека ќе му претставуваше голема чест што улица во Скопје ќе биде именувана по него, истакна Столтенберг.

Норвешкиот дипломат Торвалд Столтенберг, почина неколку месеци пред одбележувањето на 55-годишнината од катастрофалниот скопски земјотрес.

-Неговите заслуги во обновата на Скопје по катастрофалниот земјотрес од 1963 се огромни. Скопјани го паметат по изградбата на детската болница во Козле, што е донација на кралствата Норвешка и Шведска, изградбата на норвешките бараки во Тафталиџе, како и координацијата на помошта на норвешкиот Црвен крст што пристигала во првите денови по земјотресот, рече градоначалникот Шилегов, на откривањето на таблата на улицата Столтенбергова.

Торвалд Столтенберг, нагласи Шилегов, направи многу за Скопје и за граѓаните на овој град, но она што го остави зад себе овој голем човек се мостовите на пријателство меѓу Македонија и Норвешка, изградени од солидарност и хуманост. Скопје, потенцира, секогаш ќе се сеќава на тие што му помогнале во неговите најтешки времиња.

– Токму затоа, оваа табла му ја подарувам на Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, за да знае дека тоа што го направи неговиот татко за овој град, никогаш нема да биде заборавено, нагласи Шилегов