Трендовите постојано се менуваат. Истакнати усни, нежно нашминкани очи, природен тен и средена коса со благи кадрици е она што е ин за сезоната која што следува. Стилистот Даниел Николовски вели дека секоја жена треба да се води според она што естетски најмногу и одговара и смета дека модниот тренд кој ја одбележува сезоната, не секогаш е по вкусот на пошироката јавност.
“Се што ја разубавува жената за нас е моден тренд така што ние секогаш одбираме да го негуваме добриот изглед кој естетски им одговара на нашите клиенти спрема нивниот лик. Водејќи се според оваа девиза секогаш имаме успешен производ, додека модниот тренд кој ја одбележува сезоната не секогаш е по вкусот на пошироката популација, иако се обидуваме сите колку толку да го проследиме”, вели Николовски кој инспирацијата ја бара во современата жена.
“Ме инспирираат современите жени, оние кои знаат да се борат, оние кои веќе се оствариле како мајки, а сепак изгледаат убаво и негувано”, додаде стилистот кој соработува со голем број на познати личности и се грижи за нивниот изглед.
Елена Ристеска, Антониа Гиговска, Тамара Тодевска, Дани Димитровска… се само дел од селебрити дамите кои целосно се имаат препуштено во неговите раце.
“Постојат два типа на клиенти, оние кои знаат дека сакаат некаква промена и оние кои точно знаат што сакаат. Познатите личности со кои постојано соработувам веќе имаат доверба во мене и ми дозволуваат дури и да експериментирам со нивниот изглед бидејќи се свесни дека исходот ќе биде во полн сјај”, заклучи Даниел.