Стигна и официјална потврда: Кире Лазаров нов селектор на репрезентацијата на Македонија

574

Тоа што се шпекулираше во ракометните кулоари низ Македонија денеска доби и официјална потврда, легендарниот Кире Лазаров е нов селектор на сениорската репрезентација на Македонија.

Ваквата одлука била донесена вчера на Управниот одбор на РФМ, а денеска истата ја потврди и претседателот на РФМ, Живко Мукаетов.

„Ја имам таа привилегија и чест да кажам дека е донесена важна одлука за иднината на македонскиот ракомет. На вчерашниот состанок на УО на РФМ одлучено е нов тренер на машката репрезентација да биде Кирил Лазаров. Се договоривме со Кире тој да биде нов селектор – тренер во период од една година додека да добие мастер-коуч диплома. Потоа ќе добие четиригодишен договор како селектор. Пресреќен сум што заедно со Лазаров ќе се бориме за македонскиот ракомет“, изјави Мукаетов.

Лазаров првично ќе добие договор на една година и ќе биде тренер на репрезентацијата, а кога ќе ја добие и потребната Мастер Коуч лиценца ќе добие и четиригодишен договор од федерацијата.

Лазаров на селекторската позиција во репрезентацијата ќе го замени досегашниот предводник Данило Брестовац чиј договор беше спогодбено раскинат по крајот на Светското првенство во Египет.

Доне Бошковски и Ацо Јоновски го формираат стручниот штаб на Лазаров!?

Лазаров ќе го има главниот збор во тимот, а околу себе ќе носи луѓе од доверба. Како најсериозен кандидат за помошник на Кирил Лазаров е Андон Бошковски, некогашниот прв стратег на Голден Арт КЛ7 и доскорешен близок соработник на најуспешниот македонски ракометар.

Исто така, во стручниот штаб голема е можноста да се најде и Ацо Јоновски, некогашниот столб во одбраната на Македонија, а сегашен тренер на германски Ратинген. Во целиот мозаик се вклопува и името на Билјана Црвенковска, некогашната македонска ракометна репрезентативка, која во Вардар и Голден Арт КЛ7 ги покажа своите квалитети околу техничко-тактичкиот дел и видео-анализите.

Првите испити за Лазаров како селектор на Македонија нема да се воопшто лесни, затоа што во месец март се игра двомеч со двократниот светски шампион во низа, тоа е селекцијата на Данска (10 март во Скопје и 14 март во Алборг). „Црвено-жолтите“ во квалификациите за ЕП 2022 имаат две победи на два меча, над Швајцарија и Финска, а вторите мечеви со овие ривали се играат на 28 април (Финска, гости) и 2 мај (Швајцарија, дома).