Според Бучковски, ставовите на Георгиевски заслужуваат расправа и внимание

539

Специјалниот претставник на Владата за Бугарија, Владо Бучковски, во денешното гостување во „Утрински брифинг“ на Слободна ТВ, говореше за состојбата со Бугарија, а притоа се осврна и на ставовите на Љубчо Георгиевски, кои предизвикаа низа реакции во јавноста.

„Ако цениме по средбата од вчера што ја имал претседателот Радев со претставниците на безбедносните служби, реферирајќи на тоа дека во Македонија оние кои се декларираат како Бугари имале проблеми со власта и биле изложени со притисоци, при што се се користени писма од невладина организација, говори дека постои веројатно можност прашањето околу односите Македонија и Бугарија да бидат дел од изборната кампања“, смета Бучковски.

Како што истакна тој, ставовите на Георгиевски не се новитет, но според него, заслужуваат аргументирана расправа и внимание.

„На темата за која Георгиевски излезе јавно, ние дебатиравме на последната средба кога разговарав со него, на две три недели пред јас да бидам именуван за специјален претставник на Владата. Ова не се нови ставови на Георгиевски. Тие заслужуваат внимание и аргументирана расправа. Нам ни треба подготовка на домашната јавност за темите кои ќе се наметнат во периодот кој претстои, а тоа се темите за заедничката историја. Ние и во владината коалиција имаме коалиционен партнер кој ја форсира темата за заедничката историја, имаме коалиционен партнер, Павле Трајанов, кој вели дека немаме заедничка историја, така што умешноста на премиерот, на Владата е во овие околности кога во јавноста имаме атмосфера на говор на омраза, омаловажување на Георгиевски без сериозни аргументи, да имаме сериозна дебата, иако мислам дека во овој момент таа дебата треба да се води со изложување на аргументи“, додаде тој.