Не сакаме да ја газиме Австрија, дајте ни победа од два-три разлика!

73

Можните сценарија за пласман на Македонија во втората рунда и освојување на едно од првите две места во групата Б, веќе ги разработивме. Наједноставното вели ние да победиме против Австрија, Чешка да не ја победи Украина. Ако, сепак, ја победи, тогаш нашата победа не треба да биде пониска од два гола разлика. Работа ни врши и триумф од еден разлика, но за тоа треба да има многу голови на мечот, а резултатот да биде 32-31 или повисок.

Од Виена, Владко Арсов

Фото, Петр Стојановски

Во претходната анализа не навлеговме во тоа со каков статус Македонија би се пласирала во главната фаза и колку бода би пренела. Со оглед дека од Чешка загубивме, најмногу ни одговара Чесите да отпаднат, да ја победиме Австрија, а таа сепак да продолжи понатаму и ние да ги повлечеме двата бода од неа во новоформираната група.

Но, за да се случи тоа можно е да влеземе во заплеткана математика, со круг од трите селекции. Нашиот натпревар со Австријците се игра прв, од 18.15 часот и, замислете вакво сценарио: Влегуваме во 60. минута, а Македонија води со четири разлика, 27-23. Наеднаш некој наш ракометар ја губи топката, а Австрија прави контра и постигнува гол за конечни 27-24. Тоа би било повод за наше славје бидејќи постои една луда опција, според која на Македонија повеќе ѝ одговара да ја победи Австрија со два или три гола, отколку со четири, пет и повеќе.

Зошто? Затоа што ако ги совладаме Австријците со многу разлика, тогаш ќе го оштетиме нивното конто и ќе ги пратиме на последно место во таа мини-табела од трите репрезентации. Австрија засега таму има +3 гол-разлика, Чешка -1, а Македонија -2. Така што, за ситуацијата да ни биде идеална неопходно ни е да победиме доволно за да излеземе од минусот, но не премногу за да ѝ направиме голем минус на Австрија, кој може да ја елиминира.

1. Австрија         32-29 (+3)

2. Чешка             56-57 (-1)

3. Македонија    25-27 (-2)

Значи 2 и 3 разлика ни одговараат! Би одговарала и победа со +4, но тогаш натпреварот не треба да има помалку погодоци од 29-25 (и 28-24 само во одредени исклучоци).Четири разлика во неефикасен меч, потоа пет, шест разлика и така натаму, би ја турнале Австрија на последно место меѓу трите селекции, па во втората фаза би се пласирала Чешка со два бода и Македонија со нула. Во случајот со наша победа од еден разлика, со резултат 32-31 или поефикасен, тогаш Австрија ќе биде прва и ќе пренесе бодови, а Македонија како втора ќе оди понатаму.

И уште еднаш, сето ова е под услов Чесите потоа вечерта (20.30) да ја совладаат Украина. Ако загубат или одиграат нерешено, тогаш ги фрламе во вода математиките и каква било победа против Австрија нè крева на пиедесталот во групата Б за со два бода да продолжиме во главната рунда. Ако, пак, одиграме нерешено со Австрија, а Чешка потоа самата се „закопа“ и загуби од Украина, тогаш Австријците ќе бидат први и ќе пренесат два бода, а ние нула.