Случај “Германија”: Војниците бараат отштета поради осиромашениот ураниум на Балканот

274

Поранешни германски војници поднеле барање за отштета поради изложување на осиромашен ураниум, кој бил користен во текот на војните на Балканот и во Ирак.

За тоа и фракцијата Алтернатива за Германија во Бундестагот побарала мислење од германската влада.

Порталот T-online наведува дека околу 220 војници побарале отштета поради изложување на ураниум, а повторно се актуелизирани и расправите за тоа колку споменатата муниција е штетна за здравјето.

“Истражувањето на Светската здравствена организација и Меѓународните организации за атомска енергија негираат дека постојат било какви посебни ризици, додека Меѓународната организација на лекари против атомско оружје истакнува дека постојат недоречености во објавените истражувања поради што повикуваат на превентивна забрана за користење на оваа муниција додека не се утврдат долгорочните ефекти на изложувањето”, пишува порталот.

Германската влада во одговорот на 12-ти август нагласила дека сите овие барање се одбиени во текот на минатите години, бидејќи, како што е истакнато, не е докажано дека германските војници трпеле било какви здравствени последици поради контакт со оваа муниција, која, пред се, е користена во противтенковски авионски боеви зрна, наменети за уништување на оклопи.

“Резултатите од истражувањето за влијанието на осиромашениот ураниум покажуваат дека на местата на користење на оваа муниција не постои речиси никаков ризик од радијација, а токсиколошки ризици може да настанат само под вонредни околности, кои до овој момент никаде не се искажани”, нагласено е во дописот објавен на страната на германската влада.

Австралиската армија исто така на својата страница објавила истражување за дејството на осиромашениот ураниум.

“Може да се заклучи дека единствено директното вдишување на супстанцата на воени подрачја може да претставува одредена опасност за здравјето на луѓето”, нагласиле тие.

Како што велат, опасност може да настапи поради хемиските, а не радиоактивните карактеристики на овој материјал, и тоа само ако во поголеми количини се внесе во организмот преку некој раствор.

“Цивилното население, припадниците на хуманитарните организации и мировните трупи тешко дека го вдишиле тој материјал во тие количини. Сепак, долгорочен директен контакт со осиромашен ураниум, како парчиња муниција, би требало да се избегнува”, наведуваат тие.

Случај Италија

Од друга страна, изложеноста на војниците на осиромашен ураниум одамна не е новост за Италија, чии војници веќе со години водат судска битка за да добијат обештетување од владата поради учеството во НАТО акциите на Косово.

Дури по повеќе од девет години од бомбардирањето на КиМ и јавните протести, жалбите до судовите и резултатите од тогашната комисија за истрага, доделени биле првите 30 милиони евра отштета за жртвите на осиромашен ураниум.

Според некои податоци, од 1999-та до 2018-та година починале повеќе од 359, а се разболеле повеќе од 4.000 италијански војници кои биле изложени на дејството на осиромашен ураниум, а меѓу нив и голем број од оние кои биле на Косово.