Шестмина Палестинци избегале низ мало тунелче од најчуваниот израелски затвор

53
Шестмина палестински затвореници под закрила на ноќта избегале од еден од најчуваните затвори во Израел, затворот Гилбоа, по што израелската полиција започнала масовна потрага по бегалците, пишува Би -Би -Си.

Затворениците ископале дупка во нивната ќелија до шуплив простор под затворот, од каде потоа ископале мини тунел надвор од надворешниот ѕид на зградата.

Нивното бегство го забележале околните земјоделци кои ги забележале како трчаат низ полињата. Меѓу бегалците е поранешниот водач на бригадата на мачениците Ал Акса, додека останатите петмина се членови на Исламски џихад.

Израелски затворски службеник го нарекол бегството „голем неуспех во безбедноста и разузнавањето“. Палестинските милитанти, пак, групното бегство го нарекле „херојски подвиг“.

Затворот Гилбоа се наоѓа во северен Израел и е познат како „Безбеден“ поради строгите безбедносни мерки. Извештајот за можно бегство добила затворската управа од блиските земјоделци среде ноќ, по што веднаш започнало пребројувањето на затворениците. Извршено е околу 4 часот наутро, при што е утврдено дека исчезнале шест затвореници.

Се верува дека Палестинците избегале од затвор со копање дупка во бањата. Ерусалим Пост пишува дека користеле ‘рѓосана лажица за да копаат зад постер на ѕидот.

Дупката што ја ископале ги довела до шуплив простор под затворот што се формирал за време на изградбата на затворот. Еден израелски полицаец го нарекол шупливиот простор „структурна грешка“ на затворот. Полицијата верува дека затворениците, движејќи се низ тој празен простор, дошле до надворешниот ѕид на затворот и потоа ископале мал тунел што води точно на патот пред затворот.

Израелската безбедносна служба Шабак (позната и како Шин Бет) соопшти дека нивните истражители веруваат дека затворениците биле во контакт со луѓе надвор од затворот користејќи шверцуван мобилен телефон, зашто избегале со автомобил веднаш по бегството.

Што се однесува до самите бегалци, најзвучното име меѓу нив е Закарија Зубеиди, поранешен командант на милитантната група на бригадата на мачениците Ал-Акса. Зубеиди го чекал судењето во затворот под сомнение дека е вмешан во напади врз Израелци.

Останатите петмина се членови на милитантната група „Исламски џихад“ – четворица од нив служат доживотна затворска казна за планирање и извршување напади во кои биле убиени Израелци. Петтиот, пак, е во притвор веќе две години, без да биде обвинет за конкретно кривично дело, пренесуваат израелските медиуми.

Израелската погранична полиција, со помош на армијата, поставила барикади на патиштата кон окупираниот Западен Брег и државата Јордан, која се наоѓа само 14 километри источно од затворот од кој избегале бегалците.

Израелскиот премиер Нафтали Бенет рече дека станува збор за „голем инцидент кој бара вклучување на сите израелски безбедносни служби“.