Родено е првото бебе од матка на почината жена: Новото медицинско чудо е надеж за неплодните парови

303

Голема нова надеж им се роди на жените ширум светот кои се борат со неплодност, откако на родилка во Бразил ѝ била пресадена матка од почината донаторка и родила здраво бебе.

Здравото девојче стигнало на свет во полн термин во Бразил, а нејзиното раѓање значително ќе ја зголеми можноста за третман на парови кои се обидуваат да добијат потомство.

Слични операции веќе се применувани во Шведска и Америка, но секогаш матките биле од живи донаторки.

Но, досега сите 10 обиди (во САД, Чешка и Турција) да се пресади матка од почината донаторка – биле неуспешни.

Сето тоа се променило во Бразил. Мајката на девојчето е 32-годишна анонимна жена, која е родена без матка, поради ретко генетско пореметување.

Во септември 2016-та година, во клиниката во Сао Паоло ѝ била пресадена матка од 45-годишна донаторка, која починала поради излив на крв во мозокот.

Операцијата траела речиси 11 часа, додека хирурзите внимателно не ги поврзеле вените, артериите, лигаментите и вагиналните канали.

Седум месеци после операцијата, во неа биле ставени осум оплодени јајце клетки. Бременоста поминала без компликации, а бебето кое тежи 3,3 килограми било родено во 35-та недела.

„Учеството на починатите донаторки ќе ги прошири опциите за жените кои се борат со неплодност и не можат да зачнат или да ја одржат бременоста до терминот. Новиот третман за нив отвора нови врати. Тоа донекаде го правиме со трансплантација на матката од живи донаторки, но нормално дека мал број од нив се подготвени да се откажат од својата матка“, рекла главната докторка Дани Ејзенверг, од медицинскиот факултет во Сао Паоло.