Патник на летот Брисел-Скопје на авиокомпанијата „Визер“ пушел цигара во авионот, по што бил приведен од полицијата на Скопскиот аеродром, потврдија од МВР, пренесува СДК.
Патникот запалил цигара во тоалетот на авионот, по што екипажот го пријавил случајот на аеродромот и побарал асистенција од полиција. Откако авионот слетал на скопскиот аеродром 25 минути по полноќ, патникот бил предаден на полицијата.
Според правилата на авиокомпанијата, пушењето во авион, вклучувајќи класични и електронски цигари, е строго забрането без оглед на должината на летот. Како што стои на сајтот на Визер, последиците за непочитување на оваа забрана се парична казна до 3.000 евра и апсење од локалната полиција.
Патници кои редовно летаат на линијата Скопје-Брисел велат дека и покрај строгите казни, се случувало и претходно во авионот да не се почитува забраната за пушење.