Протече снимка на која Помпео искрено говори за Венецуела: Ова е ѓаволски тешко, таму сите сакаат да дојдат на власт

639

Деновиве се појави аудио снимка на која може да се слушне коментарот на американскиот државен секретар Мајк Помпео во врска со ситуацијата во Венецуела.

Аудио снимката која ја објави “The Washington Post” била направена за време на неговиот состанок со еврејските лидери минатата седмица. Помпео на снимката открива некои интересни детали, но и фрустрации во врска со обидите да се сруши од власт претседателот на Венецуела, Николас Мадуро.

Помпео на снимката се жалел како САД не успеваат да ја обединат венецуеланската опозиција, најмногу поради тоа што е голем бројот на тие кои што сакаат да го наследат Мадуро откако ќе биде срушен од власт.

Американскиот државен секретар нагласува дека тоа не е ништо ново и станува збор за проблем со кој се занимава уште пред да биде државен секретар, односно уште додека бил шеф на американската разузнавачка агенција „ЦИА“.

„Од денот кога станав директор на „ЦИА“ тоа беше една од работите кои што Трамп сакаше да ги спроведе. Но, задачата се покажа ѓаволски тешка. Имено, сите во венецуеланскиот опозициски блок имаат сопствени интереси и сакаат да се борат за пленот, наместо да се фокусираат на заедничката цел – рушењето на Мадуро од власт“, вели Помпео.

„Во моментот кога Мадуро ќе биде тргнат од власт сите тие ќе подигнат рака и ќе речат: Земете ме мене, земете ме мене, јас сум новиот претседател. Ќе има повеќе од 40 луѓе кои сметаат дека имаат право да бидат претседател на Венецуела“, рекол Помпео на аудио снимката.

Очигледно, еден од обидите на Вашингтон да го реши тој „проблем“ бил изборот на „свој човек“, а тоа е Хуан Гваидо. Но, според овој коментар на Помпео, дури и Гваидо сега би имал проблеми доколку Мадуро биде срушен од власт, затоа што повторно многумина ќе сакаат да застанат на чело на државата.

Помпео меѓу другото открил дека САД се обиделе да ангажираат и разни религиски организации за да им помогнат: „Се обидуваме да поддржиме разни религиски институции кои треба да ни помогнат да ја собереме заедно целата опозиција“.

Според Помпео, со Мадуро управуваат властите од Куба, а тој воопшто не им верува на своите соработници во Венецуела: „Мадуро не им верува ниту на Венецуеланците. Не го обвинувам, не би ни требало да им верува. Сите прават завера против него, но тоа го правата не за доброто на државата, туку за лични интереси“.