Починатите по 1 април ќе се запишат како живи на пописот

437

Полноќ помеѓу 31 март и 1 април е критичниот момент за претстојниот попис, а тоа значи дека починатите граѓани и родените бебиња по овој критичен момент нема да влезат во статистиката, изјави за Плусинфо го изјави директорот на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски.

Тој посочи дека семејствата или блиските роднини на починатиот ќе треба да дадат информации за него, но пред да пристигнат попишувачите во нивниот дом.

– Ние имаме критичен момент и ја гледаме состојбата заклучно со тој датум. Ако лицето било живо до тој момент, но починало пред да пристигнат попишувачите, тогаш тоа лице ќе се брои и ние ќе земеме податоци за тој човек. Од друга страна, ако се роди дете по критичниот момент, тогаш тоа бебе нема да влезе во статистиката. Тоа се прави за да се утврди точната состојба до одреден датум. Тој момент е полноќ помеѓу 31 март и 1 април, па сите податоци се собираат само до тој ден. Кога ќе ве прашаме дали во текот на изминатата недела сте работеле за дополнителен хонорар, тогаш ние мислиме за последната недела од март, иако попишувачите можат да пристигнат во домот на 15 април, на пример – објаснува Симовски.

Тој вели дека течат подготовките за спроведување на пописот и засега не се забележани некакви проблеми.