Новаковиќ: Пандев е икона, сите ќе навиваме за нив – а во Букурешт ќе има милион Македонци!

760

Хрватска и Македонија ќе бидат единствените фудбалски репрезентации кои следниот јуни ќе го претставуваат Балканот на Европското првенство. Ако Хрватите се чести учесници на големите фудбалски собири, нашата селекција за првпат во историјата стигнува до ваков подвиг, а тоа беше тема на разговор речиси во сите медиуми во овој регион.

За нашиот рецепт за успехот зборуваше бугарската фудбалска легенда, Јордан Лечков, а пофални зборови за селекторот Игор Ангеловски и неговите избраници пристигнаа и од еден од најреномираните балкански спортски коментатори Владимир Новаковиќ, кој работи за српскиот „Спортклуб“.

Новаковиќ не само што важи за еден од најдобрите фудбалски коментатори на Балканот, туку и за личност која многу добро ја познава суштината на фудбалската игра и неговите анализи и најави се едни од најценетите во фудбалската јавност во Србија, но и пошироко.

Во емисијата посветена за неуспехот на Србија во финалето против Шкотска, Новаковиќ одвои време да ја спореди работата на нашата селекција на чело со Ангеловски, со онаа на Србија, исто така и да испрати честитки до Горан Пандев и соиграчите за големиот успех.

„Горан Пандев е фудбалска икона во Македонија. Македонија во минатото имаше навистина спектакуларни фудбалери, но од 1995 година па досега нивна прва ѕвезда е токму Пандев. Но од другата страна, Македонија го има и тивкиот и мудар Ангеловски за свој селектор, како и одличната млада генерација која пред неколку години играше Европско до 21 година. Можеби тие немаат квалитет како Србија, но не се ниту многу далеку. Нивниот систем полека се развиваше и беше само прашање на време кога ќе заиграат на Европско првенство. Никој не му се мешаше на селекторот, момците знаеја што треба да прават на терен, во селекцијата владее една невидена атмосфера… Токму тоа ѝ фали на нашата селекција. Беше вистинско уживање да ја гледаш Македонија како заедно се бори на терен. Сигурно сите ние на ова Европско ќе навиваме за неа, а доколку се дозволи да има публика на натпреварите, тогаш во Букурешт ќе има еден милион Македонци“, рече Новаковиќ.

Македонија во Букурешт ќе одигра два натпревари против Украина и Австрија, додека против Холандија ќе се судриме во Амстердам.