Стејт Департментот одобри продажба од 12 борбени авиони „Ф-35Б“ и дополнителна опрема на Сингапур, зделка вредна околу 2,75 милијарди долари.
За целата зделка да биде реализирана, сега останува да потврди американскиот Конгрес, соопштија од Агенцијата за одбранбено-безбедносна соработка.
Властите на Сингапур, држава сместена на стратешки дел од Малајскиот архипелаг објавија дека минатата година планирале да купат четири „Ф-35“ борбени авиони од американската компанија “Lockheed Martin” со можност за купување на уште осум авиони.

Сега, сингапурските власти одлучија да купат вкупно 12 авиони од петта генерација „Ф-35“ и со тоа да ги заменат своите застарени „Ф-16“ авиони кои исто така се од американско производство.
Со еден од најголемите воени буџети во југоисточна Азија, Сингапур е исклучително важна земја за светската воена индустрија, посебно сега кога оваа земја инвестира во нови технологии и надградба на постоечката опрема.