Приказна за еден од најбрзите играчи како и најпотценетите поентери во кошаркарската историја.
Монта Елис, роден на 26-ти Октомври 1985 година во Џексон (Мисисипи). Токму таму ги прави своите спортски почетоци.
Во средното училиште Лениер брилираше со својата игра. Елис го красеше молневита брзнина и страшен атлетицизам. Поентерски претставуваше еден од најдобрите млади стрелци во Америка. Откако постигна 65 поени против ривалскиот Гринвуд, сериозно го сврте вниманието на кошаркарската јавност.
По сјајната игра доби стипендија од локалниот универзитет Мисисипи која најпрво ја прифати но, откако NBA скаутите го уверија дека има големи шанси веднаш да стапне на најсветлата сцена реши да се пријави на драфтот. Елис беше еден од ретките кој директно од средношколските клупи се пресели помеѓу професионалците.
На драфтот 2005 година, беше избран како 40-ти пик од страна на Голден Стејт Вориорс.
Голден Стејт Вориорс (2005-2012)
Во својата прва професионална сезона, тогаш 19 годишниот Елис не доби сериозна минутажа. Веќе во втората сезона тој добива шанса да го покаже својот неспорен талент. Постигнува по просечни 16.5 поени и ја освојува наградата за “играч со најголем напредок во тековното првенство”.
Со своите 191 цм. и молневитата брзина која ја поседуваше со леснотија се наоѓаше прв во нападот и ги решаваше задачите. Веќе во својата трета професионална сезона Елис стана еден од најдобрите стрелци во NBA како и една од најсветлите млади ѕвезди. Постигнуваше над 22 поени по меч а тимот од Оукленд се пласира во доигрувањето по пауза од цели 12 години. “Воините” приредија вистинско изненадување кога во “плејофот” (како осмопласирани) го елиминираа првопласираниот тим на Далас Маверикс.
По одличната игра на 24-ти Јули 2008 година потпишува нов богат договор со тимот. Кога се очекуваше се да оди во нагорна линија се случува неочекуван настан.
Елис се пријавува во кампот на “вориорс” со сомнителна повреда на скочниот зглоб која бара долга пауза и рехабилитација. Причината за повредата беше пад од мотор која Елис ја призна откако претходно ја излажа управата на тимот за немилиот настан. Од таа причина беше суспендиран со неиграње на 30 натпревари без плата.
Откако конечно се врати на теренот неговата игра нема осцилации и повторно е прва опција во нападот на тимот. Набрзо ќе се случи голема промена која засекогаш ќе го смени тимот од “златната долина”.
На драфтот 2009 година, Голден Стејт го драфтува Стеф Кари во кого гледа иден лидер на тимот, нешто во кое апсолутно беа во право. Елис добива партнер во нападот со кого ќе ги дели поентерските задачи.
Токму ова првенство Елис станува еден од најдобрите поентери во лигата со близу 26 поени по натпревар по меч. Беше вистински миленик на навивачите во “Оракл” арена.
За чудо на најголемиот дел од кошаркарската јавност, не е избран за настап на “All-Star” натпреварот иако апсолутно тоа го заслужуваше. И покрај неговата одлична игра “воините” победуваат во само 26 натпревари а веќе наредната сезона се случуваат нови промени.
На 27-ми Октомври 2010 година, на првиот натпревар од сезоната на домашен терен против Хјустон Рокетс, Елис експлодира постигнувајќи (дотогаш) рекордни 46 поени. Ова првенство со својот партнер Стеф Кари го сочинуваат (можеби) најсмртоносното бековско поентерско дуо во NBA.
Елис постигнува по просечни 24 поени но, повторно затајува тимскиот успех. Втора година по ред не е избран за настап на собирот на најголемите NBA ѕвезди. За многумина ова претставуваше огромно (непријатно) изненадување.
Почна да се говори дека бековскиот тандем нема да може долго да настапува заедно еден покрај друг имајќи го во предвид рапидниот раст во играта на Стеф Кари како и желбата на Монта Елис да го диктира темпото во нападот. Кошаркарските аналитичари сметаа дека се “гушат” меѓусебно иако двата млади кошаркари изјавуваа дека одлично се согласуваат.
Натпреварувачката 2011-2012 беше последна на популарниот ”куршум од Мисисипи” во дресот на “воините”. Во тимот оваа година дебитира Клеј Томсон кој набрзо ќе стане нов долгогодишен партнер на Кари во нападот. Ултра брзиот бек на 7-ми Февруари 2012 година постигнува рекордни 48 поени а две недели подоцна следува промена на средината.
По 6 и пол години поминати во Калифорнија, Елис се сели во Милвоки.
Милвоки Бакс и Далас Маверикс (2012-2015)
Повторно станува дел од опасен бековски тандем, овој пат со младиот и талентиран Брендон Џенингс. Во 103 натпревари поминати во дресот на “елените”, Елис го потврди својот исклучителен поентерски потенцијал како и неисцрпанта желба за победа. Дојде време за нов договор а на 23-ти Јули 2013 година Елис потпишува со тимот на Далас Маверикс.
Во тимот од Тексас, Монта имаше слобода во нападот и исклучително важна улога. Неговата ефикасност беше една од главните причини што беше обожуван во новата средина. Во “плејоф” натпреварите ја креваше својата игра на уште повисоко ниво и постигнуваше над 22 поени по меч. По двете години поминати во Далас дојде време за нов договор а тимот на Индијана Пејсерс беше најрешителен да го донесе “куршумот” во своите редови.
Индијана Пејсерс (2015-2017)
На 14-ти Јули 2015 година, Елис потпишува договор со тимот од Индијанаполис. Пред почетокот на сезоната го оперираше десното колено и по успешната рехабилитација се појави во новата средина речиси ист како и претходно. Кога беше здрав и подготвен повторно одлично се справуваше во нападот.
Во оваа фаза на својата кариера го подобри чувството за организација на соиграчите и почесто асистираше. Во 2016 година реализира рекордни 13 асистенции на дуелот против Хјустон Рокетс. Имаше и негативни моменти како честото губење на топка како и незгодната повреда на препоните поради кој беше подложен на оперативен зафат. По враќањето на теренот минутажата драстично му се намали.
По две години поминати со “пејсерси” двете страни спогодбено го раскинаа договорот. И покрај тоа што се очекуваше Елис лесно да најде нов ангажман, за чудо на многумина до такво нешто никогаш не дојде. Става крај на професионалното играње кошарка на (само) 31-годишна возраст.
РЕЗИМЕ
Монта Елис претставува еден од најбрзите играчи како и најдобар поентер кој никогаш не го доби вниманието кое го заслужуваше. Претставува единствен играч кој во две сезони постигнувал близу 26 поени по натпревар а притоа да не биде избран за “All-Star” играч.
Никогаш не важеше за добар одбранбен играч но, беше бестрашен во влезовите кон рекетот и напаѓањето на противничките одбрани. Имаше успешна 12 годишна NBA кариера и претставува еден од ретките кој директно од средношколските клупи имал забележителен импакт на професионално ниво.
Едно е сигурно. Кошаркарските сладокусци никогаш нема да го заборават “кршумот од Мисисипи”.
NBA FAN
Димитар Младеновски