Наредната недела ќе се бира новиот состав на Државната изборна комисија. Претседателот на собраниската Комисија за избори и именувања, Илија Димовски, за „Макфакс“ потврди дека во текот на идната недела ќе ја закаже седницата на која треба да се утврди листата со кандидати. Огласот за пријавување на кандидатите за членови, претседател и заменик-претседател на ДИК е одамна завршен, но партиите не можат да се усогласат за новиот состав.
Од СДСМ обвинија дека ВМРО-ДПМНЕ одолговлекува и го запира изборот на ДИК зашто ова тело ќе биде надлежно за спроведување на референдумот. Освен ВМРО-ДПМНЕ, останатите партиите веќе ги утврдиле своите предлози – Борис Кондарко, Јанакие Витановски и Радица Ристеска од СДСМ, Дитмире Шеху од ДУИ и Енвер Салихи како заеднички канидат на опозициската Беса и Алијансата на Албанците.
Оливер Дерковски и Светлана Карапетрова се имињата кои подолго време се вртат во јавноста како можни кандидати на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, но од партијата сè уште нема потврда.
Во случај партиите да не успеат да се договорат и наредната недела, не се исклучува можноста седницата да ја закаже собранискиот спикер Талат Џафери. Рокот до кога треба Собранието да го избере новиот состав на ДИК е 17 јули. Мандатот ќе биде шест месеци, а Комисијата уште веднаш ќе треба да се зафати со задолженија за спроведување на референдумот, кој е најавен за наесен.