Мистеријата со починатите велешани: “Од каде коронавирус, никаде не одеа, никој не им доаѓаше”

710

Случајот со 79-годишната велешанка и нејзиниот 53-годишен син, чии посмртни останки биле пронајдени од полицијата на 6-ти април, предизвикува сомнежи дека коронавирусот во земјава бил присутен уште од декември минатата година.

79-годишната Катица Маноилова и синот Ванчо од Велес, кои беа најдени мртви на 6 април, последен пат соседите ги виделе на кратко на почетокот на јануари кога платиле сметка за влезот од зградата.

Според обдукцијата, тие починале во јануари, а во дишниот столб на жената бил пронајден коронавирус. Тука се поставува прашањето: Од кога е присутен коронавирусот во Македонија, ако овие лица се починати од јануари, а првиот регистриран случај во Македонија беше кон крајот на февруари.

Според зборовите на велешани, мајката и синот не излегувале многу. Ванчо бил виден на почетокот на јануари, кога бил во Центарот за социјална помош за обнова на документи за користење на материјална помош.

Велешани велат дека станувало збор за болна старица, која била слепа со повеќе здравствени проблеми, а Ванчо имал психички проблеми, пишува Фокус.

“Не излегуваа надвор, никој не им доаѓаше дома. Од каде се заразила жената, навистина не ни е јасно”, рекол еден велешанец за Фокус.

Димче Зврцинов, претседател на куќниот совет во зградата во која живееле мајката и синот, рекол дека годинава не успеал да оствари контакт со нив, бидејќи не му отвориле врата кога ги посетил за да собере пари за чистење и електрична енергија.

Непријатната миризба која почнала да се шири во зградата ги натерала станарите да се јават во полиција и да побараат помош.

Поради овој случај, министерот Венко Филипче вчера изјави дека не е исклучена можноста коронавирусот да бил присутен во земјава многу порано, пред официјално да биде откриен првиот случај на 26-ти февруари, пренесува Фокус.

“Најден е вирусот во примерок од нејзиното дишно стебло. Во насока на значајно поголемиот број на пациенти на грип оваа сезона, кој беше поголем оваа година за 17.000, не е исклучена можноста вирусот да бил присутен во земјава порано. Има многу публикации за асимптоматски носители на вирусот” изјави Филипче на вчерашната прес-конференција.