Мадуро ја подготвува армијата за американска инвазија: Од Вашингтон пристигна остро предупредување!

857

Претседателот на Венецуела, Николас Мадуро ги обвини Соединетите Американски Држави дека планираат инвазија на неговата земја.

„Американската администрација усвои план за инвазија на Венецуела со помош на Тројанскиот коњ и десничарските сили кои што се предавиници“, порача Мадуро за време на неговото обраќање пред армијата на Венецуела.

Тој порача дека американските власти продолжуваат со обидите да извршат државен удар во Венецуела и ги повика војниците да бидат подготвени: „Империјалистите (САД) одлучија да извршат пуч со помош на предавниците на нашата територија“.

Во Венецуела и натаму владее голема политичка криза која што може да прерасне во граѓанска војна. Ситуацијата се искомплицира откако лидерот на опозицијата и претседател на парламентот, Хуан Гуаидо се прогласи за привремен претседател на 23-ти јануари, а тоа Мадуро го оцени како државен удар организиран од САД.

Во меѓувреме, САД, Канада, Аргентина, Бразил, Чиле, Колумбија, Еквадор, Парагвај и Израел, како и уште неколку земји од Европската Унија го признаа Гуаидо за претседател на Венецуела, додека на страната на Мадуро застанаа Русија, Боливија, Иран, Куба, Никарагва, Ел Салвадор и Турција.

На обраќањето на Мадуро на армијата на Венецуела реагираше советникот за национална безбедност на САД, Џон Болтон. Тој ја предупреди владата на претседателот на Венецуела дека било какво насилство или заплашување на американските дипломати во Венецуела, опозицискиот лидер Хуан Гуаидо или парламентот, ќе наиде на „значаен одговор“.

„Било какво насилство или заплашување на американските дипломати, демократскиот лидер на Венецуела, Хуан Гуаидо или самиот народен парламент, ќе наиде на значаен одговор“, порача Џон Болтон на својот профил на социјалната мрежа Твитер.