Македонија и Србија имаат најголеми резерви на злато на Балканот

94

Податоците на Светскиот совет за злато (World Gold Council), најточната база на информации за резервите по држави, за вториот квартал од оваа година покажуваат дека по Србија, Република Македонија има најголеми резерви на злато на Балканот односно поседува 6,89 тони.

За една година, Србија ги зголеми своите резерви на злато за повеќе од 10 тони и во моментов има 32 тони во вредност од 1,66 милијарди евра.

Според податоците објавени на веб-страницата на Народната банка, на крајот на септември 2020 година, официјалните девизни резерви на Македонија изнесуваат 3.480,2 милиона евра. Најголем дел од девизните резерви се пласирани во хартии од вредност (76,3%), по што следуваат валутите и депозитите (13,5%) и монетарното злато (10,2%).

Од друга страна, некои земји во регионот речиси и воопшто да немаат девизни резерви на злато. Дел од нив го користеа своето злато како гаранција за позајмици и кредити.

Податоците на Светскиот совет за злато (World Gold Council), покажуваат дека по Србија и Македонија кои имаат најголеми резерви на злато на Балканот, следуваат Словенија со 3,17 тони, Босна и Херцеговина со 2,98 тони и Црна Гора со 1.090 килограми злато заложено за кредит. За Хрватска, според официјалните податоци бројката е нула.

Хрватска ги продаде своите последни резерви на злато во 2005 година и заработи вкупно 146 милиони долари. Доколку ги зачувале златните резерви, по моменталните рекордни цени на златото, би заработиле 710 милиони долари.

Златото воедно ги претставува и девизните резерви на земјата. Овој благороден метал служи и како гаранција за доверба во централната банка, особено во тешки кризни времиња како што е моменталната пандемија со Ковид-19 (коронавирусот). Покрај тоа, на оваа форма на средства е потешко да се влијае преку политиките за каматни стапки на различни монетарни власти, додека обично служи како форма на заштита од инфлација на долг рок.