Македонија бара нов селектор, Брестовац спогодбено го раскина договорот со РФМ

70

Ракометната Федерација на Македонијa претпладнево ја извести јавноста дека македонската куќа на ракометот и селекторот Данило Брестовац взаемно се спогодија да ја прекинат соработката околу ангажманот на машките ракометни сениори.

Данило Брестовац ја извршуваше оваа функција во период од јуни 2019 до јануари 2021 година. На штотуку завршеното Светско првенство, Македонија го освои 23-тото место и запиша една победа од шест натпревари.

Младиот македонски тренер, кој претходно работеше во Франција, Луксембург и на кормилото на Металург, го наследи Раул Гонзалез, но на големите турнири не го задржа резултатот на претходниците. Иако низ квалификациите под негово водство имавме блесоци како победите во Исланд и Швајцарија, сепак во Виена и Каиро, Македонија потфрли.

На Европското првенство пред една година, нашата репрезентација не ја мина групната фаза, а разочара и на Мундијалот кој уште е во тек. Иако не беа огромни очекувањата, сепак начинот на кој Македонија загуби од Шведска, Египет и Русија загрижува.

Наследникот на Брестовац ќе биде брзо избран, бидејќи во март следуваат двата натпревари против Данска во квалификациите за Европското првенство во Словачка и Унгарија.