Магичните својства на зачините

34

Со векови се употребуваат во светските кујни, а особено корисни ги прави тоа што во нивниот состав влегуваат јаглехидрати, протеини, витамини, минерали, фитостероли, растителни пигменти, етерични масла…

ЦРН ПИПЕР

Овој зачин не само што е афродизијак туку и ги ублажува симптомите на многу заболувања на нервниот систем и на црниот дроб. Помага во зараснување на површинските воспалителни процеси на кожата, ја намалува болката, тегобите при бронхитис, кашлица и настинка.

ЧИЛИ

Го ценат поради лековитото дејство што му го овозможува алкалоидот капсаицин. Го намалува нивото на холестерол во крвта, дејствува превентивно против срцев и мозочен удар, ги уништува штетните бактерии во желудникот и ги отстранува симптомите на грип.

КОРИЈАНДЕР

Семките на коријандер имаат малку лут, а малку и сладок вкус, кој потсетува на мешавина на кора од портокал и цимет. Коријандерот го подобрува варењето, има бактерицидно и антиоксидантно дејство и намалува грчеви.

КИМ

Семките од ким содржат до 4% етерично масло во вид на безбојна течност со горчлив и ароматичен вкус. Кимот дејствува како карминатив – за отстранување на сите дигестивни пречки врзани за гасови. Ја поттикнува лактацијата при доење.

КАРИ

Главната состојка на овој индиски зачин е правот од жолтиот корен куркума. Овој зачин е вистински коктел од витамини и минерали. Ги заштитува желудникот и дебелото црево од тумори, помага во случај на артритис и чир на желудник и ја подобрува работата на кардиоваскуларниот систем.

КУРКУМА

Традиционалниот индиски зачин куркума има слатко-лут, а по малку и горчлив вкус и мирис, кој потсетува на мешавина од портокал, ѓумбир и црн пипер. Овој зачин има силно антиоксидантно, антибактериско и антиканцерогено дејство.

Текст: Убавина и здравје