Муслиу: Вардар e мој најголем успех, гордост е да се чуе химната на Македонија пред меч

32

Македонскиот фудбалски репрезентативец Висар Муслиу брзо се адаптира во Унгарија и стана важен дел од тимот на МОЛ Види. Некогашниот дефанзивец на Ренова, Вардар и Шкендија стана интересен и за тамошните медиуми, за кои во интервју говореше за почетокот на кариерата и развитокот како фудбалер.

Муслиу откри дека најдобриот период во кариерата му бил во Вардар, кога играше во групната фаза од Лигата на Европа. Патот водеше преку Малме и Копенхаген во ЛШ, за на крај последен ривал пред групите да биде турскиот моќник Фенербахче.

„Вардар беше мојот најголем успех во досегашната кариера. Претходно играв за Ренова, во квалификациите за Лигата на Европа, клуб во кој го потпишав првиот професионален договор на 18 години. Но, со Вардар успеавме да играме во групите, нешто што никогаш не се случило во македонскиот фудбал. Дојдовме до голем успех“, изјави Муслиу.

Дефанзивецот говореше и за репрезентацијата, во чии редови дебитираше како фудбалер на Вардар.

„Неверојатно е кога се носи дресот на националниот тим и гордост е да се слуша химната пред да се почне натпреварот. Тогаш, бев во целост концентриран само на успехот со Вардар, но повикот во А-селекцијата дојде како гром од ведро небо. Добрите вести ги добив на „Вибер“, но не ги видов веднаш. Мојата сестра која живее во САД тогаш дојде во посета и ми кажа „Еј, зошто ја немаш отворено пораката?“. Го направив тоа и видов дека ми честитаат за повикот во репрезентацијата. Дебитирав против Израел, потоа играв и во ремито со Италија, за со Лихтенштајн да го дадам деби-голот. Есента во 2017 година беше најуспешна за мене“, додава тој.

Сега Муслиу игра за Видеотон, а пред да направи трансфер во Унгарија се советувал со сите колеги.

„Зборував со сите пред да дојдам во Унгарија. Барди, Спировски, Селмани, Николов, Ристевски и Ангелов ми кажаа добри работи за унгарскиот фудбал. За Видеотон зборував со Николов, добив позитивни зборови и затоа не размислував многу за да ја прифатам понудата. Прва цел ми беше да влезам во првиот тим и да почнам да играм редовно, а сега размислувам за титули со клубот“, дециден е македонскиот репрезентативец.

Висар Муслиу направи трансфер во МОЛ Види од редовите на тетовска Шкендија, со која стана шампион на Македонија. Претходно, истиот успех го имаше и со Вардар, а покрај за Ренова, имаше и кратка интернационална авантура на Косово каде го носеше дресот на Приштина.