Мафијашка војна поради популарното овошје: Поисплатливо е од кокаин, а цената продолжува да расте!

169

19 мртви полуголи тела мексиканските мафијаши обесија на мост во градот Уруапан, а за разлика од вообичаената пракса крателите да водат војна околу дрогата, овој пат тие се убиваат за – овошје.

Станува збор за популарното овошје авокадо кое што во меѓувреме стана хит намирница, а цената константно расте поради големата побарувачка. Американските медиуми пренесуваат дека тамошните ресторани не можат да ја задоволат побарувачката, а поради сушата цената за една година пораснала за 129%.

„Кутија со 11 килограми авокадо чинеше 66 долари, а сега е 110 долари“, изјави Карлос Томе, менаџер на познат мексикански ресторан во Лос Анџелес.

Моментално воопшто нема авокадо затоа што се чека нова жетва. Угостителите се снаоѓаат користејќи други намирници за да добијаат сосови со приближен вкус на авокадото.

Поради големата побарувачка, во Мексико веќе се уништуваат шуми за да се прошират засадите со авокадо. Околу 80% од мексиканскиот извоз на авокадо во САД доаѓа од покраината Мичоакан, една од покраините со најголеми пресметки меѓу криминалците. Уруапан, градот каде што беше извршен неодамнешниот масакр е вториот најголем град во таа покраина. Мафијашките картели сега меѓусебно се борат за да заработат од богатиот извоз на авокадо.

„Индустријата на авокадо е вредна милијарди долари, премногу атрактивна за мафијашките организации“, изјави Фалко Ернст, аналитичар од мексиканскиот огранок на Меѓународната кризна група.

Се проценува дека во Мексико за превласт над трговијата со авокадо се борат најмалку 20 добро вооружени криминални групи. Со оглед на тоа што ниту една од нив не е во состојба да оствари превласт и да обезбеди доминација во земјата со 112 милиони жители, тоа значи дека трае бесконечна војна која секојдневно одзема животи.

Мексиканските земјоделци од друга страна се жалат дека и покрај големата побарувачка, речиси е невозможно да работат затоа што дистрибуцијата и продажбата е под контрола на мафијата, а власта не прави ништо за да им помогне. Кој што сака нешто да заработи, ќе мора тоа да го подели со мафијата, а мафијата продолжува со пресметките.