Влатко Лозаноски со полна пареа продолжува со подготовките за третиот албум насловен “Десет”, со кој ќе одбележи 10 години од почетокот на неговата кариера, а по велигденскиот сингл “Километри”, на ред е уште една тема од роденденското издание.
Имено, кичевчанецот деновиве престојуваше во Кушадаси во Турција, каде што го сними новото видео, а друштво му прават и долгогодишните соработници и автори на голем дел од неговиот материјал, братско-сестринскиот тандем Цветкоски. Имајќи ги предвид пејзажите во популарниот туристички град, веројатно станува збор за уште еден летен хит, чија екранизација се одвива под режисерската палка на Даниел Јовески.
Екипата сподели неколку фотографии од снимањето, а како ќе звучи и изгледа сето тоа ќе дознаеме наскоро, со оглед на тоа што промоцијата на спотот е закажана за кон средината на идниот месец.