Лавина реакции откако излегоа имињата на граѓаните кои ќе добијат пари за купување на домашни производи

751

Наместо 3.000 денари, добиле само 322 денари, пензионери на кои не им следува ниту денар, добиле огромни суми пари на своите сметки. Некои пак се жалат дека ги нема на листата на сајтот „kupuvamdomasno.gov.mk“.

Лавина реакции на социјалните мрежи откако на виделина излегоа имињата на граѓаните кои ќе добијат пари за купување на домашни производи. Најголем број од револтираните се млади кои биле одбиени, особено оние под 18 години кои немаат лична карта. Инаку картичка им следува на средношколците и студентите на возраст од 16 до 29 години.

На сајтот кој поради навалицата правеше падни – стани, можат да се видат само оние лица кои ќе добијат платежна картичка за купување домашни производи. Граѓаните реагираат, прво зашто бил не стабилен, и друго кога ќе се пронајдат сумата не била онаа ветената.

За проблемите со платежните картички, вицепремиерката за економски прашања Мила Царовска не кажа ништо. Ја префрли топката во министерството за финансии.

За нетранспарентното распределување на парите, реагираа и од синдикатот на Штипската болница, каде многу здравствени работници кои се инфицирале не биле на списокот. Од таму за Алфа велат дека ваквиот чин го оценуваат како срамен и лош чекор. На медицинските раб им следува картичка на 40% од нето платата.

Во меѓу време и банките излегоа со свој став околу начинот на плаќање и дистрибуција на картичките. Предвидени се 28 милиони евра, распоредени кај деветте банки кои ќе ги издаваат на граѓаните. Првите 50.000 картички се веќе испечатени, а треба да се издадат вкупно 324.479.

Само НЛБ картичките ќе ги дистрибуира до дома, а кај другите останати, граѓаните ќе мора лично да ги посетат банките, зашто ниедна од нив нема распоред од кога и како тоа да се прави.

Во меѓу време, се пролонгира и рокот за добивање на картичките. Наместо на 3-ти јули како што беше најавено, ќе ги добијат на 18-ти јули. Парите пак ќе може да ги потрошат до 15-ти август. За дел од експертите, одложувањето на картичките е знак дека се купува време и се темпира тие да се воведат пред избори, што преставува класичен предизборен поткуп и манипулација со граѓаните.

Со оваа мерка се опфатени невработени лица, корисници на социјална помош, средношколци, студенти, здравствени работници, кои добиваат картички во износ од 3.000 или 9.000 денари.