Костовски со писмо до Шилегов: Денеска оградата на Владата изгледа како искубана кокошка. Тоа ли го сакаме?

114

Поранешниот градоначалник на Скопје, Трифун Костовски, испрати отворено писмо до сегашниот прв човек на главниот град, Петре Шилегов.

Во писмото, Костовски вели дека му се обраќа најдобронамерно, со желба да му укажае на некои битни нешта како на градоначалник, но и во име на доброто на граѓаните на Скопје.

Во продолжение го пренесуваме писмото на Костовски во целост.

Вашиот избор како Градоначалник беше коректен и бевте вистински избран од граѓаните на Скопје.
Но, со самиот избор Вам не ви беше дадено правото да одлучувате самоволно или пак колективно со Вашата партија за она што е историски белег на Градот Скопје.
За многумина од нас граѓаните на Скопје, проектот Скопје 2014 година не беше прифатлив и денес гледајќи со мала временска дистанца, се согласувам со многумина дека има многу кич вградено во него, ама и објекти кои навистина го разубавија средишниот дел на Град Скопје.
Рушењето на споменици од минатото, симнувањето на кованата ограда од Владата на РМ, деновиве е актуелно рушењето на галијата во реката Вардар до Хотелот Холидеј Ин, несомнено говори за еден вандалски чин, што никаде во Европските држави не се практикува.
Не постои ниту една држава во Европа која ја руши сопствената историја, бидејќи некој така ветил или некому му сметало тоа. Ќе ви наведам два примери кои ја отсликуваат Европската цивилизациска величина:
Прво, во центарот на Виена е поставен споменикот на Советскиот војник, иако Советскиот Сојуз повеќе не постои, во времето кога Австрија после Втората Светска војна беше под окупација на Советите. Тој прекрасен споменик со огромни фонтани и во ноќните часови обвиен со сите бои на светлата навистина делува восхитувачки.
По Вашата логика Господине Шилегов, Виенчаните би требало да го тргнат овој споменик, бидејќи ги потсетува на периодот кога биле под окупација од Советите кои не беа добредојдени во Австрија. Виенчани и Австријци на ова велат: Овој споменик ќе остане вечно, бидејќи говори за дел од нашата историја.
Вториот пример е познатата Крива кула во Пиза. Во времето на градбата на оваа прекрасна кула, била направена грешка со несогледливи последици, бидејќи согласно законот на физиката овој објект требал да падне. Жителите на Пиза и Италија од моментот кога е изграден овој објект секоја декада инвестираат во него со цел да го одржат во истата положба.
Почитувани пријатели се говори за огромни суми на средства за одржување на Кривата кула во Пиза, ама таа е Светско чудо. Милиони, милиони посетители доаѓаат да ја видат, иако секојдневно по самото одржување на самата кула Пиза, работат екипи, стручни со цел да оваа атракција остане вечна. Заклучувам Кривата кула во Пиза, градена во 15 век, поради грешка во процена, изградена е до денес сочувана со огромни усилби на човекот или народот кој сака да покаже и докаже дека тоа дело ја отсликува ерата односно историјата на тој прекрасен град.
Во историјата вандалите биле првите племиња кои ништеле сè пред себе, уривајќи и уништувајќи културно наследство и затоа тоа денес го нарекуваме вандализам.
Сведоци сме за време на граѓанската војна во Авганистан кога талибанците уништија со динамит светско чудо, практикувано 4000 години наназад. Цел свет реагираше на ваквиот чин, меѓутоа неразумот победи.
Претходните примери ги наведов да укажам на моментумот дека и Вие денес Господине Шилегов ја испишувате историјата на Скопје и Република Македонија.
ЗОШТО рушите?
ЗОШТО ја отстранивте оградата од ковано железо пред Владата на РМ?
Затоа што ветивте во вашата предизборна кампања? Погледнете ги сликите на Владата со железната ограда и без неа. Дали воочувате разлика? Денеска оградата на Владата изгледа како искубана кокошка. Тоа ли го сакаме?
Има илјада варијанти како да му се даде сјај на тоа што е веќе изградено, ама има само еден повод да се ништи изграденото од вашиот претходник. Тоа се вели омраза. Поради вашиот личен анимозитет кој го имате против вашиот политички противник.
ЗОШТО го ништите тоа што е направено со средствата од народот? Кој ќе ги надомести тие во ветер фрлени пари? Чинам дека оградата околу Владата вредеше околу 700.000 евра, Вие фрливте во отпад 700.000 евра прекрасна ограда од ковано железо. Ве прашувам дали се тоа ваши пари? Не, не се.
Завршувам со порака до актуелниот Градоначалник Шилегов.
Петре не ги гибај галиите, ниту пак воинот на коњ, туку настојувај да најдеш автентично решение кое ќе биде по мерка на граѓаните на Град Скопје.
Еднаш ти го споменав, сега ќе ти го повторам … реката Вардар од влезот во Скопје кај Сарај до излезот кај Аеродром има 13 метри пад. ЗОШТО не изградиш неколку брани и го подигнеш нивото на водата во реката со цел да имаме впечаток дека навистина ќе му дадеме шмек на градот.
Со подигање на нивото на Вардар со не повеќе од 7-8 брани ќе има место за рекреација на Скопјани и секако галиите може да бидат посебна атракција. Мои блиски пријатели кои во времето на градбата на галиите беа против нивното поставување, во овие денови на пандемија, деновите ги поминуваа точно на галијата спроти Холидеј Ин. На моето прашање ЗОШТО баш таму? Одговорот беше сосема едноставен, над вода сум и пирка свеж ветер.
Почитуван Шилегов, не сакам да бидам погрешно разбран, меѓутоа ве советувам, при носење одлуки барајте мислење од поумни и поискусни од Вас за материјата по која треба да донесете одлука.
Завршувам со зборовите … Секој ден ја испишуваме сопствената историја и не смееме да го гибаме тоа што некој го изградил, бидејќи секоја градба го отсликува моментумот на тој временски период. Следете го импулсот и желбите на нашиот народ. Немојте да бидете заробени во прангите на вашите партиски доктрини. Не би сакал да се повтори вандализмот на ВМРО-ДПМНЕ кои со своите интервенции сакаа да го збришат модернистичкото архитектонско наследство, за што најеклатантен пример е токму објектот во кој е Владата. Тоа што го направија е неповратна штета.
Да не ги повторуваме нивните грешки – пишува Трифун Костовски.