Кражби во скопски кафулиња за време на полициски час

79

Овие снимки од безбедносните камери сведочат за серијата на кражби во строгиот центар на Скопје. На мета во последниве два месеца се угостителските локали во градот. Последниот од нив се случил изутрината за време на полицискиот час во кафулето “Манда”.

Сопственикот вели дека е причинета помала материјална штета, слично како и во другите локали. Натрапниците го искористиле отсуството на обезбедувањето и ја исекле најлонската врата.

„Претежно крадат алкохол и пијалоци, но сега имаме полициски час и се случи помасовна кражба. Ние угостителите имаме група во која комуницираме и околу 5-6 локали во исто време се обиени од две дечиња кои се шетаат со канта низ град и ја полнат со пијачки”

Сопствениците на обиените локали веруваат дека кражбите ги вршат истите оние кои преку ден просат на блиските раскрсници. Велат дека пијалоците кои ги крадат се препродаваат на други дуќани по помала цена.

„Ситни, но сепак се кражби. Угостителите од центарот на градот ја повикаа полицијата на поажурно однесување за време на полицискиот час”.

Сопствениците на обиените локали велат дека полицијата е запознаена со кражбите кои се случуваат во изминатиот период, а кои се зачестени од воведувањето на полицискиот час.