Ревиите на Шанел се сѐ освен досадно или веќе видено, напротив, секоја година е ново изненадување, па така и оваа сезона не беше исклучок. За пролет-лето 2019, Карл Лагерфелд ја трансформираше париската модна писта во плажа. „Шанел покрај море“ е бегство на песочна и бајковита плажа, комплетирана со вистински бранови и спасувачи на должност.
Секако, ако постои место на кое би сакале да избегаме сега, тоа е на плажата Шанел. Моделите боси се движеа по песочната модна писта, носејќи ги своите обувки во рака.

Што се однесува до колекцијата, беа застапени костимите за капење, летни колоритни фустани, огромни сламени шешири и секако логото на Шанел застапено како додаток на каишите и аксесоарот.

Покрај линијата на шарени фустани и костимите за капење, на ревијата беа презентирани и парчињата кои се препознатливи модели за Шанел и неговата класична линија, секако прилагодени за овој релаксиран, пролетно-летен концепт.

Имено, на ревијата имаше и некои изненадувања како што се спортските шорцеви или хеланките, кои и официјално се одобрени со печатот на Шанел. Стилизирани со огромни блејзери и ист принт на џемперите, комбинацијата на спорт и елеганција беше издигната на уште повисоко ниво.
Аксесоарите, сандалите и чантите ја оставија публиката да одбројува до наредната пролет. Колоритот и логото се секако повторно присутни и на овие парчиња, а некои од моделите носеа и по две чанти истовремено. А зошто да не, сепак ова е светот на Шанел.



