Казни од 2.000 евра за одговорните во државните институции ако не ги вработат рамковните

121

Казни од 2.000 евра доколку на рамковно вработените административци не им се дадат работни задачи предвидени се со предлог на закон кој веќе е во Собрание.

Според тој предлог за кој пратениците ќе се изјаснуваат по брза постапка, вакви казни се предвидени за директорите и управителите на државните институции, агенции, фондови, јавни установи и јавни претпријатија, општините и акционерски друштва во државна сопственост, ако не ги усогласат актите за внатрешна организација и актите за систематизација на работните места за да можат да ги примат кај нив распоредените рамковни административци.

За да им се најде работен ангажман на овие лица кои со години не одат на работа, а примаат плата, Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците најдоцна 15 дена по влегувањето во сила на овој закон треба да изготви план кој во која институција ќе биде ангажиран. Владата под водство на првиот вицепремиер Артан Груби треба да го усвои, а директорите, претседателите, градоначалниците и управителите да го реализираат. Притоа, работното место на вработениот треба да биде на исто ниво како претходното.

Распоредените работници решенијата за работа треба да ги потпишат во рок од седум дена, а ако не го сторат тоа одат на таканаречена трансфер листа во Министерството за информатичко општество и администрација. Најавено е дека ако не прифатат втора понуда лицата од трансфер листата ќе добијат отказ, но во предложениот закон нема такво нешто.

Што се однесува до платата, таа треба да биде најмалку иста со онаа што претходно ја примале. Во буџетот за наредната година за овие околу 1.430 лица предвидени се 9,3 милиони евра.