Јапонски суперкомпјутер открил што го намалува ширењето на коронавирусот

676

Научниците го користеле суперкомпјутерот Фугаку за да симулираат емисија и проток на ситни честички (аеросоли), ослободени од заразени луѓе во разни затворени простории.

Јапонскиот суперкомпјутер покажал дека влажноста може да има значајно влијание врз ширењето на честичките на вирусот, поради што во суви, затворени услови во текот на зимските месеци, ризикот од заразата е зголемен.

Ваквото откритие говори дека употребата на навлажнувачи на воздухот може да помогне во ублажување на ширењето на инфекциите во услови кога редовното проветрување на просториите со отворање на прозорците не е можно, покажува заедничката студија спроведена од страна на Рикен и универзитетот од Кобе.

Научниците го користеле суперкомпјутерот Фугаку за да симулираат емисија и проток на честички слични на вирусот, ослободени од заразени лица во различни средини во затворен простор. Резултатите покажале дека влажноста на воздухот под 30 отсто ја удвоила количината на аеросоли во однос на влажноста на воздухот од 60 отсто или повеќе.

Студијата понатаму покажала дека проѕирните визири за заштита на лицето не се толку ефикасни како маските во спречување на ширењето на аеросоли.

Истражувачката екипа која ја води Макото Цубокура и претходно го користела суперкомпјутерот Фугаку за симулација на зараза со коронавирус во возовите, на работните места и училниците.