Во Европа се затвораат ресторани и училишта и се враќаа монтажните болници (ВИДЕО)

59

Бројот на случаите на зараза во Европа е во просек скоро 100 илјади на ден – околу една третина од вкупниот број во светот – што ги принуди владите да ги засилат мерките додека се обидуваат да ги приспособат за да го заштитат здравјето без да ја загрозат егзистенцијата.

Европските земји ги затвораат училиштата, ги откажуваат операциите и ангажираат огромен број студенти по медицина, додека преоптоварените власти се соочуваат со најлошото сценарио на оживување на ковид-19 во почетокот на зимата.

Бројот на новите случаи достигнува 100.000 на ден, па Европа наголемо ги претекна Соединетите Американски Држави, каде што секој ден во просек се пријавуваат повеќе од 51.000 нови случаи на ковид-19.

Враќањето на нормалните активности по летното олеснување на мерките предизвика нагло зголемување на случаите низ целиот континент.

Кафулињата се меѓу првите што се затворени, или им е скратено работното време во новата блокада, но зголемувањето на бројот на заразените ја доведува во искушение и решеноста на владите да ги остават отворени училиштата и медицинските установи што не се за ковид-пациенти.

Чешката Република премина на учење преку интернет и планира да повика илјадници студенти по медицина.

Болниците ги откажуваат неитните процедури за да се ослободат кревети.

„Понекогаш сме на раб на плач“, рече за Ројтерс Ленка Крејцова, главната медицинска сестра во болницата „Слани“ во близина на Прага, додека работниците брзаа да го подготват општото одделение за пациенти со ковид-19.

Полска ја интензивира обуката на медицински сестри и поставува воени монтажни болници, Москва ќе пренасочи многу ученици на часови преку интернет, а Северна Ирска ги затвора училиштата на две недели.

„Немам никакви добри информации. Ние сме на работ на катастрофа“, изјави имунологот Павел Гжешјовски во Полска, која вчера пријави рекордни 6.526 случаи и 116 смртни случаи.

Русија вчера објави рекордни 14.321 дневен случај на зараза, а уште 239 лица починаа. Гардијан пренесе дека властите во Москва ќе ангажираат студенти од универзитетите, кои ќе ги заменуваат наставниците од основните училишта што се стари и ранливи.

Италија вчера забележа 7.332 заразени, што е највисока дневна бројка од почетокот на епидемијата.

Дури и во државите што имаа поголем успех од повеќето во борбата против преносот, бројот на заразените расте.

Германија имаше повеќе од 5.000 нови случаи за прв пат од април.

Напорите за произведување вакцина наидоа на пречки во некои области. Компанијата „Џонсон и Џонсон“ го прекина тестирањето поради необјаснива болест на еден од учесниците во студијата. Тестирањето спроведено од „Астра Зенека“ во САД беше запрено пред повеќе од еден месец.

Во меѓувреме, Русија даде регулаторно одобрување за втора вакцина.

Големите европски економии како Германија, Велика Британија и Франција досега се спротивставуваа на притисокот да се затворат училиштата, но политичарите во Германија расправаат дали да ги продолжат новогодишните и божиќните распусти за да ја спречат заразата.

Критичарите, пак, велат дека нема докази дека училиштата се жаришта.

Холандија вчера повторно воведе делумна блокада и ги затвори кафулињата и рестораните, но не и училиштата.

Бројот на случаите на зараза во Европа е во просек скоро 100 илјади на ден – околу една третина од вкупниот број во светот – што ги принуди владите да ги засилат мерките додека се обидуваат да ги приспособат за да го заштитат здравјето без да ја загрозат егзистенцијата.

Повеќе од половина од новите европски случаи во седмицата до 11 октомври беа во Велика Британија, Франција, Русија и Шпанија, според Светската здравствена организација.

Во САД 22 држави во октомври достигнаа рекорди во порастот на новите случаи, но бројот на жртвите има надолна патека и беше во просек 700 на ден во текот на изминатата недела.

Француската влада вчера прогласи вонредна состојба во јавното здравство, што им дава на властите поголеми овластувања да воведат нови мерки за спречување на ширењето на ковид-19.

Синоќа претседателот Емануел Макрон објави дека ќе се воведе полициски час во Париз и во другите големи градови од девет навечер до шест наутро. Мерката стапува во сила в сабота и ќе трае четири недели.

Фото: ЕПА

Британскиот премиер Борис Џонсон се соочи со повици од опозицијата за уште еден национален карантин во Англија, но засега дава отпор.

Ројтерс пишува дека приемите во болниците се во пораст, а монтажните болници изградени пролетва повторно се подготвуваат.

Во Шпанија, каталонските власти наредија затворање на баровите и рестораните на 15 дена и го ограничија бројот на луѓето што можат истовремено да влезат во продавница.

Болниците во Белгија се обврзани да остават една четвртина од креветите за ковид-пациенти.

„Денес не го гледаме крајот на тунелот“, изјави за радиото „Премиер“ Рено Мази, директор на Универзитетската клиника Сент Лук во Брисел.

Во Австралија, една од најуспешните земји во борбата против вирусот, се појавија кластери во двете најнаселени земји, па Нов Јужен Велс го одложи ублажувањето на некои ограничувања.

Рекордни бројки во регионот

Хрватските здравствени власти вчера пријавија 793 нови случаи на инфекција со ковид-19, што е дневен рекорд. Загреб, исто така, забележа рекордни 211 нови случаи. Претходниот рекорд од 542 нови случаи беше поставен пред една недела.

Од почетокот на пандемијата, во Хрватска се заразени 22.534 лице, а 344 починаа. Властите неделава ги заострија мерките за борба против ширењето на ковид-19. Носењето маски е задолжително во затворени простории и на јавни места, кафулињата и рестораните не смеат да работат по полноќ, а бројот на клиенти е ограничен. Организаторите на јавни собири со повеќе од 50 лица мора да побараат дозвола најмалку пет дена однапред.

Србија вчера пријави 245 нови случаи и еден починат. Во Србија од последиците на ковид-19 починаа вкупно 768 пациенти.

Словенија вчера пријави 707 инфекции, што е нов рекорд по минатонеделните 211 новозаразени за еден ден.

Рекорден број нови случаи се забележани во Босна и Херцеговина – 482, и 11 смртни случаи.