Израдувајте ја Македонија, испишете историја!

433

Македонија дојде пред портите на европскиот фудбалски крем, вечерва (18 часот) во Тбилиси е последниот чекор кој треба да го направи за историски успех и прв настап на Европсите првенства во финалето од баражот за пласман против Грузија. Меч на векот за Македонија. Меч за вечноста, за слава, за многу пари во касата, меч за сите генерации.

После 26 години откако првпат Македонија тргна во едни квалификации, националниот тим дочека да игра финале со огромен влог. Предводени од Горан Пандев како лидер и најискусен, со многу млади фудбалери кои имаат голем потенцијал и докажани дека може да направат голем резултат после младинското Евро 2017 во Полска, оваа генерација ја има шансата сонот за големо натпреварување да го претворат во реалност. Да одиграат за себе, за целата држава и да се запишат во историјата како први што ја однеле фудбалска Македонија во европскиот крем.

Вечерва пред избраниците на Игор Ангеловски е најважниот, а истовремено и најтешкиот меч. Психички ќе биде исцрпувачки, тркачки ќе мора да се одговори до последна капка пот, па фактот дека за 20-на места сме подобри во ранкингот од Грузија, дека имаме играчи од врвните лиги, наспроти просекот на Грузијците ништо не значи. Во еден меч сè може да се случи, а македонските фудбалери ќе мора од прва до последна секунда да одиграат на највисоко ниво – дисциплинирано, смирено, стрпливо, без избрзани потези… Што се вели – безгрешно.

Македонија дојде по полесниот пат на чекор до историјата. Ја искористи реформата на УЕФА за да се најде пред портите на европскит крем, златна шанса која не смее да се пропушти, зашто кој знае кога, по ваков полесен пат ќе може да се стигне до едно големо натпреварување, па затоа вечерва небитно е како ќе се одигра, дали ќе биде убаво за око, дали ќе играме „мурињов бункер“, дали ќе требаат 90 или 120 минути или пак пенали, туку едноставно шансата што ни се укажува мора да се грабне, а тоа е пласман на ЕП.

Судија на мечот е добро познатиот англиски арбитар Ентони Тејлор, кој го судеше последниот Суперкуп на Европа помеѓу Баерн Минхен и Севилја во септември во Будимпешта.